Добитничка на Почесното Рациново признание за 2021 година е Ала Генадјевна Шешкен, руски славист и македонист. Престижната награда ја добива за нејзината промоција на македонскиот јазик, книжевност и литература, како редовен професор на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“.

Наградата ќе се додели во рамки на претстојните 58. Рацинови средби, а добитничката поради ковид пандемијата, нема лично да присуствува, но на затворањето ќе биде пуштено видео обраќање, информира денеска градоначалникот Аце Коцевски кој е и претседател на Организацискиот одбор на Рациновите средби.

Ала Шешкен е родена на 30 март 1952 година во Белорусија, во учителско семејство, чиј татко повеќе од 50 години работел како учител. По завршувањето на гимназијата во 1969 година се запишува на Филолошкиот факултет на Санкт Петербуршкиот државен универзитет на одделението по славистика (српски јазик и литаратура). Следната година се префрла на Филолошкиот факултет во Белград, како стипендистка на руската Влада. Дипломира во Белград во 1974 година со просек на дипломски испит 9,5.

Во 1975-1978 година станува постдипломец на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет при Универзитетот Ломоносов. Се вработува на Филолошкиот факултет во 1979 година и почнува да предава македонска литература на Катедрата за славистика. Потоа работи во научно-истражувачко тело на факултетот „Руска литература во сов ремениот свет. Од 2001 година е избрана за доцент, а во 2012 година и за редовен професор на Катедрата за славистика. Докторира на тезата „Македонска литература во 20 –иот век и оваа тема е прв докторски труд од областа на македонската литература во Русија. Освен што предава на македонски јазик таа држи и курсеви по историја на македонската литература, книжевна критика и култура на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет.

Автор е на повеќе од 200 научни трудови од областа на македонистиката и славистиката објавени во Русија и во други држави, меѓу кои и пет монографии за македонската литература. Редовен учесник е на Меѓународниот семинар за македонски jазик, литература и култура и на Меѓународната научната конференциjа што се одржува во рамки на Меѓународниот семинар.

Потписник е и на сериjа статии посветени на поезиjата на Блаже Конески и Кочо Рацин обjавени во академските и високошколските списаниjа во Руcиjа и во Македониjа.

Член е на МАНУ од 2006. (од надворешен состав). Македонската академиjа на науките и уметностите и го додели меѓународно признание „Блаже Конески“ за посебен придонес во проучувањето и афирмациjата на македонската литература и македонскиот jазик во 2015 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.