Актерот Драган Довлев во Театарот за деца и младинци (ТДМ) оваа година ќе ја режира првата куклена претстава за возрасни. Тоа ќе биде негов авторски проект, соопштија од ТДМ.

Од Театарот додваат дека во план се четири нови театарски претстави.

Режисерите Драгана Милошевски Попов и Игор Ивковиќ ќе реализираат две нови претстави во циклусот насловен ,, Нови соништа”. Во план е реализација на првата куклена претстава за возрасни, авторски проект на нашиот колега Драган Довлев кој се јавува во улога на режисер на истата. Годинава планираме да изработиме уште две нови претстави за деца: „Во детската соба”, невербално фамилијарно шоу во режија на Милена Миланова од Софија, Бугарија и претставата „Палешка“ во режија на гостин од Црна Гора, велат од ТДМ.

Инаку, денеска Театарот го слави 31. роденден.

На денешен ден (25 март 1990), со претставата „Чудовиштата од нашиот град“, почнa со работа единствениот специјализиран професионален театар посветен на детската театарска продукција.

Поради пандемиските услови, скромно го одбележуваме роденденот со низа пораки и честитки поделени на социјалните мрежи од страна на нашите колеги актери. Театарот за деца и младинци во изминатите три децении се докажал дека е најважната културна институција во нашата земја. Тој е местото каде што нашите најмлади ја остваруваат првата средба со културата и уметноста. Изминатата година и покрај пандемијата, нашиот театар од октомври работи во континуитет, додаваат од ТДМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.