Во чест на стогодишнината од раѓањето на великанот на македонската книжевност Блаже Конески и со цел да го зачува од заборавот и да го доближи до новите генерации, издавачката куќа „Арс Ламина“ реобјави пет негови значајни дела. Книгите беа промовирани на свечениот настан „Сто години од раѓањето на Блаже Конески: Песна од копнеж и песна од мака“, кој се одржа на 16 декември, во фоајето на Националната опера и балет. Станува збор за стихозбирките „Везилка“ (со поговор на академик Влада Урошевиќ), „Црква“ (со поговор на проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ), „Црн овен“ (поговор: проф. д-р Зоран Анчевски) и двотомниот избор од творештвото на Конески: „Збор и опит 1“ (избор и предговор: проф. д-р Иван Џепаровски) и „Збор и опит 2“ (избор и предговор: проф. д-р Димитар Пандев). Модератори на настанот беа Бисера Бендевска и Ведран Диздаревиќ, уредниците на петте книги, кои се дел од едицијата Македонски книжевни класици, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Настанот почна со проекција на видео, специјално снимено по повод јубилејот, а следуваше рецитал во кој познатиот актер Ѓорѓи Јолевски читаше избор песни од Конески. Во првиот блок тој ги интерпретира Везилка и Стерна (од стихозбирката „Везилка“), а во вториот: Разговор (од стихозбирката „Црква“), Џиџе и На пријателите (од стихозбирката „Црн овен“).

Академик Влада Урошевиќ, кој го напиша поговорот за новото издание на антологиската „Везилка“, се присети на моментот кога в раце го зел првото издание на оваа стихозбирка.

Беше почеток на летото, 1955 година, кога се појави книгата. Објавувањето на ова дело го дочекавме со голема возбуда. Се сеќавам, книгата ми ја даде Матеја Матевски. Излегувајќи од тогашната зграда на Македонското радио, се движев по булеварот и одејќи ја листав и ja читав книгата. Веднаш во сеќавањето ми се втисна песната Кафез. Во стиховите од оваа песна се „чита“ целиот Конески. Во меѓувреме објави многу значајни песни, како Стерна и Болен Дојчин, што ние ги доживеавме како песни-пресвртници. Тој го укажа патот на кој начин треба да се користи националната традиција и националната симболика во поетскиот облик. Шест години подоцна, Конески објави второ, дополнето издание на „Везилка“, нешто што се немаше случено дотогаш, а мислам дека се нема случено ни потоа во македонската поезија. Ова веројатно значеше дека Блаже не се доискажал со првото издание, имал уште нешто да додаде во таа книга. Ја дополни стихозбирката со десет значајни песни и тоа второ издание излезе во 1961 година. Критиката го прифати со одушевување. Нашата критика досега го заобиколуваше чувствителното прашање за значењето на интимната лирика на Конески. Го поздравуваше светлиот, оптимистички тон што можеше да се почувствува во неговите дела, но ја премолчуваше сета онаа ужасна темнина, која избива од тие песни… Инаку, Конески го запознав кога имав 15 години, преку татко ми, со кои беа колеги на тогашниот Филозофски факултет, на една научна екскурзија во Нерези. Тој не беше многу постар од мене, само петнаесетина години, но веќе за сите нас Блаже беше мудрец, еден стар мудрец, еден гуру (како што се вика во Индија). Како да немаше младост. Како од детството веднаш да премина во една зрелост. Тоа остана и во неговата поезија и во неговото однесување. Би издвоил една интересна случка, кога влегов во несакан судир со Конески. На една семејна веселба кај еден писател се отвори муабет за фазите на македонската поезија. И кога се спомена интимизмот, јас импулсивно, но ми се чини не толку гласно за да ме чујат, реков: „Интимизмот штотуку се појави, беше мртов“. Блаже, иако беше на другиот крај од масата, го чу тоа и со крената рака рече: „Владо, интимизмот во македонската поезија не е мртов додека сум јас жив!“ раскажа писателот Урошевиќ.

Една од најблиските соработнички на Конески, која добро го познавала професионално и приватно големиот Конески, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, рече дека пред да го запознае лично, мечтаела да се сретне со поетот Конески, кому многу му се одушевувала уште од гимназиските денови во Битола. Оваа долгогодишна желба ѝ се остварила на студиите на Филозофскиот факултет, каде што подоцна останала да работи.

Проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ го напиша поговорот за реобјавеното издание на „Црква“

Со Конески се запознавме и се зближивме уште од времето кога бев студентка, преку многуте дискусии и мои прашања, на кои тој како мој професор даваше темелни одговори. Нашата соработка продолжи и по дипломирањето и кога станав секретар на Славистичкиот комитет, каде што тој беше директор. Нашата комуникација најмногу се задлабочи по одбраната на мојот докторат. Конески се заинтересира за мојот докторски труд за „Тиквешкиот зборник“, за кој многу ме пофали и ми честита. На моја огромна радост ми предложи заедно да го преведеме ракописот од 15 век од оригиналниот црковнословенски јазик на современ македонски јазик, со примеси од народниот и црковнословенскиот јазик. Истовремено се радував, но и бев исплашена, како ќе работам со големиот Конески. Работата течеше извонредно. Се среќававме речиси секој ден или во МАНУ или во Домот на пратениците, каде што му беше полесно да дојде заради рамниот пат, бидејќи веќе тешко се движеше речиси секој ден. Еднаш, се сеќавам, ми кажа дека следниот ден нема да се сретнеме зашто имал кратко обраќање во траење од пет минути пред група слависти. Со чудење го прашав: „Зарем за пет минути обраќање нема да имате време цел ден?“ Но, тој ми рече: „Вера, јас имам една навика, без разлика дали ќе зборувам пет минути и пред кого, јас цел ден размислувам и се подготвувам кои зборови, кои реченици и што и како ќе кажам. Јас се изненадив и го запомнив тоа, па и мене ми стана навика и за кратко обраќање и за кусо пишување, треба многу добро да се размислува. Така што секој негов потег ми создаваше ново запознавање со животот и со работата. Речиси две години работевме на преводот, само тој умееше тие три елементи од јазиците да ги спои… Објавувањето на оваа книга беше од големо значење, зашто по првпат нашите читатели имаа можност да се запознаат со средновековната книжевност. Ова дело поттикна многу поети да напишат песни инспирирани од него. И Конески, читајќи го текстот и работејќи на преводот, беше инспириран и напиша две песни поттикнати од „Тиквешкиот зборник“ и тогаш сфатив колку е длабока неговата мисла – рече Стојчевска-Антиќ, која го напиша поговорот за реобјавеното издание на „Црква“.

Во врска со стихозбирката таа рече:

Во 1988 година во моите раце се најде песната Црква на Конески. Внимателно ја прочитав и доживеав променето расположение, во смисла на искрена возбуда. Повторно се навратив во Битола, кај татко ми, кон умникот кој успеа да ни овозможи радосни мигови во допирот со нашата црква. Таа остана во нас и духовно и физички до денес. Знаев од колкаво значење за него е црквата во Небрегово, каде што го носеле родителите како мал. Исто така, се сеќавам дека многу се внесуваше во прославата на неговата слава Св. Никола. Се сеќавам како и неговата мајка се приготвуваше за оваа пригода. Во неговиот дом за оваа слава се применуваше христијанството како и во многу други куќи. Често зборувавме на оваа тема и велеше дека има многу верници кои сакаат да се прикажат како големи верници, а не се такви, и дека во верата треба да се биде искрен. Јас му кажав дека сум верник и му ја раскажав приказната со мојот татко, кој имаше навика да нè носи во црква. Еден ден, кога бев мала, му предложиле од работа да се зачлени во СКЈ. Тој веднаш им одговорил: „Во ред, ќе се зачленам, само под еден услов – да ми биде дозволено да одам редовно во црква, секоја недела претпладне, со членовите од моето семејство!“ Изминаа денови, но татко ми никогаш не доби одговор за поставениот услов. Тој продолжи да нè води во црквата „Св. Димитрија“ секоја недела претпладне… На ова Конески рече дека татко ми добро постапил… Во нашата комуникација бевме многу блиски, но никогаш не си дозволив да му го поставам прашањето дали и тој е верник – откри таа.

Реализацијата на проектот за реобјавување на петте дела од Конески, во чест на сто години од неговото раѓање почна со еден телефонски повик од професорите Иван Џепароски. Тој на уредникот Ведран Диздаревиќ, од издавачката куќа „Арс Ламина“, му предложи да објават – во соработка со проф. Димитар Пандев – едно големо дело, во кое ќе биде претставено најдоброто, најесенцијалното од книжевното и од научното творештво на Блаже Конески. По многубројни дискусии помеѓу приредувачите на делото и уредникот на „Арс Ламина“, како и конструктивните предлози и коментари на главната уредничка Бранка Бугариска, од ова дело произлезе двотомниот избор од творештвото на Конески „Збор и опит 1: избор од книжевното творештво“ и „Збор и опит 2: избор од научното творештво“. Овие две книги претставуваат згуснат „вовед“ во неговото дело, избор од најважното што го создал во доменот на книжевноста и во доменот на науката.

„Збор и опит 1“ со избор и предговор на проф. д-р Иван Џепароски ги сочинува најдобрите творби од богатиот уметнички опус на Блаже Конески, од поезијата, прозата и есеистиката. Почнувајќи од неговите први песни објавени во четириесеттите години на 20 век, сè до последната стихозбирка „Црн овен“ од 1993 година, целото поетско творештво на Конески е сумирано во овој избор. Потоа се надоврзуваат текстови од кратката проза, од раната збирка „Лозје“ до „Дневник по многу години“, а изборот се заокружува со неговите најпознати есеи, вклучувајќи го и култниот „Еден опит“.

Пред присутните проф. д-р Иван Џепароски истакна:

Проф. д-р Иван Џепаровски: Секој си има свој Конески

Секој си има свој Конески. Секој што ги чита неговите книги си има свои омилени дела. Секоја генерација си има свој Конески: неговите современици го доживувале на еден начин, мојата генерација на друг, а новите – на нивни начин. Оваа година излегоа неколку дела со избрани песни од Конески и сите тие се различни, затоа што секој различно го доживува/л и го чита/л. „Мојот Конески“, може да се „прочита“ во ова дело. Конески го читам уште од ученичките денови, но мојата прва средба со него беше во 1974 година, кога излезе книгата „Записи“, книга што беше наградена на Струшките вечери на поезијата. Тогаш бев гимназијалец и за мене беше големо доживување што го видов и го запознав во живо и што дури добив и негов потпис на книгата. Па, така, „мојот Конески“ е Конески од „Записи“ па натаму. Потоа се среќававме на Филозофскиот факултет, за време на моите студии. Следна значајна средба беше кога, како млад новинар/уредник во МТВ требаше да подготвам емисија за 2 Август, во која требаше да го снимиме и да го интервјуираме Конески. Тој прво сакаше да поразговараме пред да биде снимена емисијата, и во тие разговори – кои се случуваа во неговата канцеларија во МАНУ – на мое големо изненадување, воопшто не зборувавме за темата на емисијата. Тој сакаше да разговараме за филозофијата, бидејќи јас тоа имав дипломирано. Го читаше Платон и ме прашуваше дали ја следам руската мистична филозофија… Тој имаше огромно познавање од филозофијата. Од разговорите со него многу можеше да се научи. На пример, тој ни ги откри средновековието и Византија… Но, со него комуницирав со голема страхопочит, не се осмелував да го прашам за лични работи, а тој, од друга страна, многу прашуваше и се интересираше за најразлични работи. И во овие разговори, јас бев студентот, а тој професорот.

„Збор и опит 2“, пак, со избор и предговор на проф. д-р Димитар Пандев, ги содржи најважните дела од богатиот научен опус на Конески, од неговите трудови и есеи посветени на лингвистиката, историјата и книжевноста. Тука се трудовите од областа на општата лингвистика и историјата на македонскиот јазик, јазичните и стилистичките анализи на песни низ историјата на македонската литература, како и портрети и прикази на култни личности и институции од нашата историја: Охридската школа, Крсте Мисирков, Кочо Рацин итн. Оваа книга го потенцира двојниот статус на Конески, како уметник и како научник и ги прави неговите трудови достапни за пошироката публика.

За време на студиите, имав можност да ги слушам сите предавања и вежби на Конески во последниот циклус предавања, ни раскажува проф. Пандев. Ни предаваше Историја на македонскиот јазик во трета и во четврта година и ги посетував предавањата и вежбите и двете години. Тој се пензионираше на 30 септември 1981 година, а следниот ден јас добив вработување како асистент и ги продолжив истите тие вежби. Вежбите ги држев и на некои универзитети надвор од Македонија: во Москва и во Краков, на пример, и се раководев според неговите принципи. Се стремев, на извесен начин да ја продолжам неговата традиција, која ја надополнувам со предавањата по предметот Општа лингвистика, еве веќе повеќе од триесет години. Со задоволство ја прифатив поканата на проф. д-р Иван Џепароски да се вклучам во реализација на делото „Збор и опит“. Со оваа книга сакав да го оживеам (како во старите средновековни виденија) Конески професорот, собирајќи ги на едно место неговите текстови што тој ги говорел на јавни настапи и текстови што се во тесна врска со неговите предавања. За Конески, основна е категоријата вживување-оживување. Тој се вживеал во сите македонски јазикотворечки личности, на некој начин ги оживеал сите нив, од Климент Охридски, до Кочо Рацин. Јас, пак, ја продолжувам таа традиција во овој и во некои мои други текстови за Конески и неговите пријатели, соработници, односно првите членови на Друштвото на писатели на Македонија – рече проф. Пандев.

Стихозбирката „Црн овен“ е реобјавена со поговор на проф. д-р Зоран Анчевски. Станува збор за последната реч во долгото и богато творештво на Блаже Конески, стихозбирка во која на величествен начин го заокружува и го коментира сопствениот опус. На настанот проф. д-р Анчевски изјави:

Три слики ми се имаат врежано во моето лично сеќавање на нашиот знаменит поет и лингвист Блаже Конески и секогаш кога ја читам, проучувам или преведувам неговата поезија тие живо првнуваат од темните забели на заборавот и полека се врамуваат во симболички рамки што неопходно самите по себе се врзуваат за неговиот поетски лик и сензибилитет изразен во неговата поезија. Првата слика ме враќа во 1989 година, кога од Скопје заминував со познатиот вечерен воз за Белград. Во еден момент на другиот колосек се постави воз што имаше само еден патник во вагонот што застана паралелно со мојот. На мое големо изненадување го препознав Блаже Конески! И тој седеше до прозорецот како во врамена слика, загледан низ дебелите стакла од очилата кон моето купе, но погледот како да му беше свртен навнатре, кон себеси, а не надвор низ прозорецот. Ми се виде целосно отсутен за светот околу него. Две години подоцна, размислував за избор на тема за изработка на докторска дисертација со компарација на мојот омилен англо-американски поет Т. С. Елиот и мојот омилен македонски поет Блаже Конески. По извесно думање и шестење, решив да побарам прием во неговиот кабинет во МАНУ. Конески ме пречека седнат зад педантно средената работна маса со куп книги, со главата ниско наведната над едно чиниче, во едната рака убаво црвено јаболко, а во другата древна чакија со коскена дршка, каква што имаше и дедо ми, врзана веројатно за гајка од панталоните, но не со златно или сребрено синџирче (како на дедо ми), туку со обично сиџимче…Третата слика ми е од 1992 година за време на одржувањето на симпозиумот во чест на Кирил Пенушлиски, основоположникот на фолклористиката во Македонија. Едно од клучните најавени излагања беше и тоа на Блаже Конески, насловено како „Сонце-бонце, богово јајце“. Ретко кој можеше дури и да претпостави, а камоли да знае, за што е темата и што има Блаже да каже во врска со неа… Oвие три слики од моето сеќавање недвојбено укажуваат на некои карактерни и творечки особености на Блаже Конески што се евидентни и во неговата поезија, а што ќе се обидеме да ги детектираме вклучително и во последната објавена поетска книга „Црн овен“, а тоа се, пред сè: приврзаноста кон традицијата (како што чакијата е приврзана за него), привидната едноставност на поетскиот исказ (каква што ја има во детската залагалка „Сонце-бонце“) и неизбежниот трагизам во односот кон светот и животот (каков што зрачеше од него самиот во прозорецот на празниот вагон). Сите овие особености се евидентни и во книгата „Црн овен“. Иако мала по обем, таа е интересна од повеќе аспекти – заклучи тој.

Реобјавените книги од Блаже Конески веќе се достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.