Фестивалот на европски филм „Синедејс“, кој лани стана единствениот фестивал од Б-категорија во земјава, годинава има буџет од 3 милиони денари од Агенцијата за филм, еден милион денари помалку од лани, објави „Факултети.мк“.
Агенцијата за филм денеска ги објави резултатите од конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност. Во две последователни години „Синедејс“, кој 17. година го организира Младинскиот културен центар, добива 2 милиона денари помалку од државата. Фестивалот, кој се издвојува од повеќето во Македонија според квалитетот и постојаниот раст, и годинава доби шлаканица, откако едвај закрепна од шокот кога еден милион денари му беа скратени и во 2018 година.
Додека од МКЦ велат дека се чувствуваат како да се казнети, од Агенцијата за филм објаснуваат дека во одлуката нема никаква тенденција и дека намалениот буџет за филмска дејност е причина што речиси сите филмски манифестации, освен „Браќа Манаки“, добиле помалку пари.
Директорот на „Синедејс“, Русе Арсов, вели дека е шокиран.
Ова е голем удар за нас. Ќе се жалиме во Агенцијата иако и лани го направивме истото, без резултат. Нашиот тим е демотивиран. Ако вака се „наградуваат“ тие што добро работат, тогаш се поставува прашањето дали воопшто на оваа држава ѝ треба „Синедејс“. Минатата година МКЦ реализира два други европски проекти – изјави Арсов за „Факултети.мк“.
Три милиони денари од државата доби и Тетова интернационал филм фестивал – ОДА, кој годинава ќе го има осмото издание.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.