И покрај тоа што веќе 4 месеци чекаат да им се нивелираат платите, Синдикатот на културата сега треба да почека да поминат изборите. Заменик министерот Владимир Лазовски кој ги презеде сите овластувања од Асаф Адеми одлучи оваа обврска да ја исполни после изборите.
Магазин, објави дека министерот Асаф Адеми е на боледување и најавил дека подолго време нема да се појави на работа, па затоа сите овластување му ги пренел на актерот и заменик министер, Владимир Лазовски.

Нема нивелација на платите во културата, тоа ќе се случи по изборите. Оваа информација синдикатот ја добил по електронска пошта, велат оттаму.

Од синдикатот велат дека го разбираат Изборниот законик, но оваа одлука била донесена во декември.

Сè уште мислиме дека нивелацијата можеше да се спроведе, особено затоа што одлуката е донесена во декември минатата година и за нејзиното спроведување не се користат дополнителни буџетски средства, надвор од предвидениот буџет на Министерството за 2019 година. Нивелацијата не значи покачување на плати, туку исправање на неправда со законска основа.

СКРМ имаше разбирање за одложување на нивелацијата за еден месец (наместо во март, да се спроведе во април), верувајќи дека Министерството ќе направи сè за исполнување на ветувањето и покрај тоа што бевме свесни дека ни следат избори.

Дали свесно Министерството за култура „украде“ еден месец за спроведување на нивелацијата, за потоа со изборите да си купи време од уште неколку месеци?! Очекуваме јавно да излезат на прес-конференција и да кажат како течел целиот процес, како се правени пресметките, со кои законски пречки се соочиле и поради кои конкретни законски одредби нивелацијата е одложена, велат од Синдикатот.

 

Во јавноста веќе се шпекулира дека СДСМ повторно ќе го менува министерот за култура, а во изминатиов период лавина од критики беше упатена токму кон ова министерство и целосното маргинализирање на ресорот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.