Министерот за култура Асаф Адеми на работна средба со вршителот на работите во Амбасадата на Црна Гора во Република Македонија, Јелена Милачи, соопштија од Министерството за култура.

На средбата било потенцирано дека Република Македонија и Црна Гора досега имаат реализирано успешна соработка во сите дејности на културата, а била изразена подготвеност во наредниот период да се интензивираат соработката и размената на проекти во двете држави.

Соговорниците на средбата подвлекоа дека е голем бројот на македонските уметници кои успешно се претставиле во Црна Гора, но и уметници од оваа земја оствариле настапи пред македонската публика. Беше потенцирано дека двете држави негуваат одлична соработка и во рамките на еминентните меѓународни организации, како што се: Форумот на словенските култури, Советот на министри од Југоисточна Европа, УНЕСКО, во рамките на меѓународната мрежа „Традуки“ и програмата на Европската Унија „Креативна Европа“, а се реализираат и заеднички проекти во рамките на Регионалните мрежи на националните комитети на ИКОМ и ИКОМОС.
Беше истакнато значењето на Програмата за културна соработка меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Црна Гора, која е со важност до крајот на оваа 2019 година, преку која се овозможува интензивирање на соработката меѓу институциите од областа на културата. На средбата беше нагласено дека во текот на овој месец, во работна посета на нашата земја ќе престојува министерот за култура на Црна Гора, Александар Богадановиќ, кој со министерот за култура Асаф Адеми ќе ја потпишат новата Програма за културна соработка меѓу двете министерства со која во наредиот период ќе се се реализираат голем број на активности, стои во соопштението од Министерството за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.