Велес, родниот град на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко, во негова чест почнува да организира нов фестивал – „5ре“. Фестивалот ќе има ревијален карактер и годинава ќе претстави седум хит комедии од македонските театари и две претстави за деца.
Ќе биде отворен в четврток во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов–Џинот“ кога ќе биде врачена и традиционалната награда „Петре Прличко“ за животно дело во актерската дејност, годинава на Игор Џамбазов, внук на Петре Прличко. Во чест на наградениот ќе биде изведена претставата „Слуга на двајца господари“ на велешкиот театарски ансамбл со што ќе биде отворен фестивалот кој ќе трае до 28 мај.
Ненад Витанов, режисер и член на организациониот одбор, денеска на прес-конференција потенцира дека преку овој фестивал ќе му се оддаде почит на Петре Прчилко преку популарни претстави како што беше популарен и Петре.
Тој информираше дека на програмата се девет фестивалски претстави, од кои шест на сцената на Велешкиот театар, една на отворена сцена во Младинскиот парк, а во дополнителната програма и две претстави за деца.
Зоран Љутков, актер и актуелен претседател на Советот на Општина Велес, истакна дека со години наназад велешката театарска публика може да види одлични театарски продукции, како и комедии кои се од потешките жанрови за играње.
Ова не е ниту случајно, ниту инцидентно, туку логичен потег, Велес да добие ваков театарски фестивал, со домашни популарни претстави на македонските театри. Се надевам дека ќе доживее голем успех, рече Љутков.
Воедно информираше дека по подолга пауза велешани повторно ќе имаат секојдневни културни настани од мај до октомври. Во претстојното лето ги најави: забавната рекреативна манифестација во Градскиот парк од 2 до 5 јуни, Рациновите средби, потоа Меѓународниот фолклорен фестивал, Фестивалот на античка драма „Стоби“, Фестивалот на џез и светска музика и Скулпторската колонија.
Влезниците за новиот фестивал „5ре“ се веќе пуштени во продажба и се по цена од 200 денари, освен за детските престави кои се бесплатни, но со претходно набавување на билетите.
Основач и покровител на фестивалот е Општина Велес која и го финансира, а организатор е велешкото Здружение „Плус публика“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.