Утре во Уметничката галерија во Куманово ќе се отвори изложбата “Форми во црно” на Мице Јанкуловски. Изложбата ќе ја отвори проф. д-р Милан Јазбец, амбасадор на Словенија во Македонија, а куратор е Корнелија Конеска.
На изложбата ќе бидат изложени 50 слики, акрил на платно, од Форма 3. – најновата фаза од 50-годишното творештво на Јанкуловски. Форма 3 се карактеризира со: монохромност (зашто сите слики се насликани само со една боја – црната), модуларност (сликите се со различни димензии, но сите меѓусебно се во некој однос), мултипликација (создава посебни дела со мултипликација на повеќе дела) и минимализам – создавање на своите дела со минимум елементи.
Мице Јанкуловски е исклучителен мултимедијален уметник кој истражувал различни дисциплини во уметност од неговата најрана возраст – од цртеж до слика, користејќи различни материјали и техники, вклучувајќи сатирично сликарство на стакло, од палиндром до карикатури и анимирани филмови. Неговото творештво кое опфаќа различни медиуми го рефлектира неговиот поглед кон светот како реалност која постојано се менува, во која многу работи се движат низ времето и просторот, преклопувајќи се на рамнина која се протега бескрајно далеку. Тој е препознаен од професионалната јавност во светот како најизразит претставник на апстрактната уметност во Македонија.
Мице Јанкуловски има одржано над педесет самостојни изложби во престижни простори во својата земја и на меѓународната сцена, како во Палатата Ка ‘Занарди во рамките на ОСТЕН павиљон Венеција, Италија; Галерија Лола Николау во Солун, Грција; Градската галерија во Варна, Бугарија; Архиви дела Мизерикордија во Венеција, Италија; Devlet Resim Heykel Muzesi во Анкара, Турција; Југословенскиот културен центар во Париз, Франција и голем број на групни изложби.
Добитник е на највисоки меѓународни награди за творештво: Наградата за животно остварување „Лоренцо ил Магнифико” на Фиренца Биенале, Италија, оваа година, Наградата „Уметник на светот” на Биеналето Ларнака, Кипар 2018, ГРАН ПРИ на Меѓународното биенале на графика Варна, Бугарија во 2017 и многу други…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.