На 7 и 8 јули 2021 година во насока на промовирање на современите културни достигнувања, во Домот на култура „Илинден“, во општина Илинден, ќе се одржи традиционалната 22-ра Литературна манифестација „Илинден 2021“.
Манифестацијата ќе почне на 7 јули со почеток во 19:00 часот со Одбележување 100 години од раѓањето на Блаже Конески, истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач… Беседа за книжевното и научното дело на поетот и кодификатор на македонскиот јазик ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска. Во рамките на првата вечер од манифестацијата ќе се одржи промоција на Избраните дела во десет книги од Раде Силјан, со реч на академик Витомир Митевски.
Централниот настан поетскиот митинг „Стихови за душата“ ќе се одржи на 8 јули со почеток во 19:00 часот, со настап на повеќемина истакнати македонски писатели, како Паскал Гилевски, Стојан Тарапуза, Иван Чаповски, Кристина Николовска, Христо Петрески, Љерка Тот Наумова…На манифестацијата ќе учествуваат и поети од странство кои поради пандемијата не се во можност лично да присуствуваат, но затоа со своите дела онлајн ќе се обратат до љубителите на пишаниот збор. Меѓу нив се наоѓаат и познатиите писатели Јожеф Бенце од Унгарија, Сретен Перовиќ од Црна Гора, Владимир Луков од Бугарија, Милан Јазбец од Словенија, Љиљана Стејиќ од Србија и Ѓуро Видмаровиќ од Хрватска.
Со поздравен говор до присутните, поетскиот митинг ќе го отвори градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски, покровител на Литературната манифестација „Илинден“.
По повод манифестација во Домот на култура „Илинден“ ќе биде отворена изложба на академскиот сликар Новица Трајковски.
На оваа традиционална манифестација што се реализира во соработка со Друштвото на писателите на Македонија годинава, поради познатата состојба со пандемијата со Ковид 19, ќе изостанат повеќе традиционални содржини, како Денови на книгата, портрети и промоции на книги на реномирани писатели, како и млади автори, чествувања, литературно матине за деца со настап на писатели за деца и млади, кои во изминатите години ја красеа оваа манифестација, по која општина Илинден стана препознатлива како во земјата така и во странство.
Поради протоколите за заштита од пандемијата и ограничениот број на автори и посетители кои што можат да присуствуваат на поетската вечер, а со цел на граѓаните да не им биде ускратена можноста да бидат запознаени со најновото поетско творештво, како и минатата година ќе биде реализирана и Литераурна е-манифестација „Илинден“. Љубители на пишаниот збор ќе имаат можност преку веб сајтот на општината (www.ilinden.gov.mk) да уживаат во „Стиховите за душата“ и да се запознаат со најновите творби од плејада автори кои оставиле траен белег во литературата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.