Креативна Европа МЕДИА Деск МК организираше интензивна тренинг програма предводена од Брајан Мекгил „Умешноста на добриот пичинг: подготовка и пракса“ во соработка со Агенцијата за филм која се одржа во рамките на 22. Скопски филмски фестивал.

Тренингот го поминаа повеќе од 50 филмски професионалци и студенти, додека 16 продуценти, режисери и сценаристи имаа шанса да го претстават својот филмски проект пред интернационалниот експерт Брајан Мекгил. Мекгил е шкотски сценарист, консултант и професор кој повеќе од 25 години пишува ТВ серии за британска и француска телевизија, меѓу кои и за наградуваната серија Taggart .

Можноста на македонските филмски професионалци да ја презентираат својата идеја пред мене на англиски, ќе им помогне својата идеја да ја презентираат и надвор од својата земја бидејќи копродукцијата е важна за сите земји, не само за Македонија, рече Брајан МекГил.

 

За Агенцијата за филм оваа тема е многу значајна, бидеќи пичингот е важен дел од целиот процес, односно тоа е првиот момент кога вашиот проект го споделувате пред некој друг, потенцијален ко-продуцент, дистрибутер или продажен агент кој во иднина може да има значајна улога во заокружување на буџетот, додаде Анита Стојческа од Агeнцијата за филм.

Во првиот ден учесниците имаа можност да ги слушаат насоките на МекГил за тоа како најдобро да се пичира еден филмски проект, додека во вториот дел од трениног секој учесник имаше прилика да го претстави својот проект и да добие конкретни забелешки и насоки.

Ова е една од целите на МЕДИА Деск-от, од една страна да и помогне на филмската индустрија полесно да дојде до финансиски средства, од друга страна преку вакви тренинзи кои се фокусираат на различни аспекти од процесот на правење филм да ги зголеми капацитетите, знаењата и вештините на оние кои знаат да ја препознаат потребата и немаат суета континуирано да вложуваат во себе, потенцираше Бистра Георгиева, раквоодител на МЕДИА Деск МК по завршување на тренингот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.