Под мотото „Вевчани за Блаже Конески“ денеска во Вевчани почнува 10. Вевчанско културни лето „ВЕВКУЛ 2021“, во чии рамки ќе бидат одбележани 100 години од раѓањето на великанот на македонската книжевност Блаже Конески.
Јубилејното издание ќе биде отворено вечер, со изложба на фотографии и факсимили од животот и делото на македонскиот поет, раскажувач, есеист, книжевен научник и лингвист, Конески, од новинарот и публицист, Мишо Китаноски. На настанот ќе бидат читани стихови од Конески од ученици од основно училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани.
На изложбата ќе бидат претставени значајни моменти од животот и делото на Блаже Конески, од кои дел се непознати за македонската јавност, информира Китаноски.
Целта на Вевчанското културно лето, според Верица Мукоска, дел од организацискиот одбор, е зачувување на македонското културно наследство.
Да остане во чест и спомен придонесот на македонскиот великан Блаже Конески, а во Вевчани како културно – туристичко место со богата историја и традиција да продолжат да се организираат вакви настани со цел зачувување и промовирање на македонската литература и уметност, изјави Мукоска, која истовремено е апсолвентка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје на Катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности.
Во рамките на „ВЕВКУЛ 2021“ предвидена е научна трибина посветена на Блаже Конески, на која ќе учествуваат повеќе македонски писатели, професори, македонисти и културни дејци. Според програмата, ќе бидат организирани изложби од академскиот сликар Александар Младеновски и средношколецот Илија Пешиноски, како и промоции на книги од: Ана Витанова – Рингачева, Сузана Мицева, Јованка Денкова, Даниела Андоновска – Трајковска, Весна Мундишевска – Велјановска, Косте Шутиноски и Сашо Бетоски. Најавен е и натпревар во шах меѓу вевчански, струшки и охридски шахисти и велемајсторот Димче Илијевски, а уметникот Живко Поповски – Цветин ќе испрати 100 пораки на своите цртежи со мисли од Блаже Конески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.