Ќе ги помилува ли претседателот Ѓорге Иванов осудените за случајот 27 април?! Му остануваат неполни два месеци за да ја спроведе постапката за помилување. Инагурацијата на Иванов беше на 12 мај 2014 година, па по вториот круг од претседателските избори закажани на 5 мај завршува и неговиот мандат. Согласно Законот, ингеренциите на Иванов не се менуваат пред истекот на мандатот. Така што тој се уште има можност да ги помилува поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, потоа Јане Ченто, Горанчо Ангеловски… како и останатите осудени со енормно високи казни.
Зaкoнoт му го дoзвoлyвa на Иванов до пocлeдниoт ден, но исто така предвидува рок од 30 дена во кој може тоа да се пoништи од него или неговиот нacлeдник. Тоа би значело дека доколку Иванов проценил дека треба и има основа да ги помилува осудените, тоа треба да го стори во најбрзо време. Со тоа би ја избегнал можноста неговиот наследник да ја укине донесената одлука.
Законот вели:
Претседателот на Република Македонија со помилување дава ослободување од гонење, или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, ја заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки, или определува бришење на осудата, или ја укинува, односно определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на казната.
Дали Иванов ќе се одлучина ваков чекор? Со оглед на амнестијата што ја направи владата на Зоран Заев, со цел да ослободи пратеници за да ги протне уставните измени за промена на уставното име на државата, логично е целосно амнестирање на овој случај. Пратениците кои ги отворија вратите, и всушност, со тоа и овозможија на толпата да влезе внатре, со глас за промена на уставното име си ја купија слободата. Заев им ја продаде. Зошто Иванов да не ги помилува и останатите обвинети, сега веќе осудени за овој случај?!
Македонската историја познава многу случаи на селективни амнестии. Беа амнестирани борците на ОНА, вклучувајќи ги и хашките случаи, беше амнестиран Руфи Османи за веењето на знамето… Зошто да не бидат помилувани и осудените кои влегоа во собрание во знак на револт од незаконското и неуставното назначување на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија кои не беа опфатени со селективниот закон за амнестија на Заев?! Вака дадената амнестија, која ќе биде предмет на оваа аргументирана критика, е без преседан во досегашната наша правна историја
Димче Апасиев од Левицата во една прилика потсети на седумте амнестирачки закони кои се донесени од независноста досега.
(1) Првиот Закон за амнестија (декември 1991) беше донесен веднаш по осамостојувањето на Македонија, за време на т.н. Експертска влада, кога премиер беше Никола Кљусев, а претседател на Републиката – Киро Глигоров. Беа опфатени околу 900 лица.
(2) Вториот Закон за амнестија (февруари 1999) беше донесен по преземањето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кога премиер беше Љубчо Георгиевски, а претседател – Киро Глигоров. Тој беше плод на тогашната владина коалиција со ДА на Васил Тупурковски и ДПА на Арбен Џафери. Заднината на оваа амнестија беше ослободување на Руфи Османи, осуден за неизвршување на одлуката на Уставниот суд на РМ во врска со веењето на албанското знаме пред општинската зграда. Со овој закон беа амнестирани околу 800 осуденици за тешки кривични дела. Законот беше подготвен во Владата од страна на тогашниот министер за правда, а сегашен академик – проф. д-р Владо Камбовски. На овој закон, претседателот Глигоров, по консултација со професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, реши да вложи суспензивно вето, но по второто гласање тој го потпиша указот.
(3) Третиот Закон за амнестија (март 2002) беше донесен после Рамковниот договор и завршувањето на крвопролевањата во граѓанската војна од 2001 година, за време на т.н. Широка владина коалиција [ВМРО-ДПМНЕ + СДСМ + ДПА + ПДП], каде што премиер беше Љубчо Георгиевски, во време на претседателствувањето на покојниот Борис Трајковски. Беа амнестирани околу 3.000 терористи кои учествувале во вооружениот меѓуетнички конфликт како борци на страната на ОНА и тоа за сторени најтешки форми на насилен и антидржавен криминал. Ова беше тотална амнестија, која подоцна, преку противуставното автентично толкување донесено за време на владата на Груевски и ДУИ, во 2011 година – спротивно на меѓународното кривично право (ius cogens) – ги опфати и незастарливите т.н. Хашки случаи против човечноста и хуманитарното право [„Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“].
(4) Четвртиот Закон за амнестија на граѓаните на РМ кои не ја извршиле воената обврска (јули 2003) беше донесен од тогаш победничката владејачка коалиција на СДСМ, ЛДП и ДУИ, кога премиер беше Бранко Црвенковски, а претседател беше Борис Трајковски. Овој закон се однесуваше на ослободување од кривично гонење и издржување на казната за т.н. „дезертери“ од резервниот состав на АРМ, во конфликтот од 2001 год.
(5) Петтата, најобемна и атипична амнестија (јуни 2015) беше донесена за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога премиер беше Никола Груевски, а претседател Ѓорге Иванов. Таа опфаќаше околу 15.000 невработени лица кои, наводно, дале лажни изјави пред Фондот за здравствено осигурување, со цел бесплатно да добијат сини картони за лекување. За прв пат кај нас, таа не беше дадена со посебен закон за амнестија, туку преку измена и дополнување на матичниот Закон за здравствено осигурување – што, од правна гледна точка, е неконзистентно номотехничко решение. Ова беше така само за да не се усвои предложениот Закон за амнестија на лицата кои дале неточни изјави за годишните приходи пред ФЗО доставен од страна на Движењето за социјална правда „Ленка“, иако тој речиси целосно беше препишан во усвоените законски измени.
(6) Шестиот Закон за амнестија (јануари 2018) беше донесен пред нецела година, како политички пазар и „добра волја“ меѓу владејачката коалиција СДСМ – ДУИ, кога премиер е Зоран Заев, а претседател е Ѓорге Иванов. Со него беа опфатени околу 700 осуденици на кои, со цел растеретување на казнено-поправните домови, им беше дадена шанса за предвремена ресоцијализација.
(7) Седмиот, последен и најспорен Закон за амнестија (декември 2018) е донесен повторно во времето на СДСМ+ДУИ, кога премиер е Зоран Заев, а претседател Ѓорге Иванов. Овој најнов дубиозен закон се однесува на насилните настани од 27 април, кога поголема група граѓани, инсајдерски потпомогнати од неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, влегоа во собраниската зграда и физички ги нападнаа дел од пратениците на владејачкото мнозинство. Но, овој рестриктивен закон намерно опфати само мал број наменски пикирани лица, сè на сè околу 20-на на број. Тој, главно, имаше за цел вулгарно купување на слободата и легално корумпирање на тројца пратеници од опозицијата, со цел тие за возврат да ги гласаат предложените уставни амандмани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.