Македонското Министерство за надворешни работи подготви упатство за новинари во кое сугерира како да се користи името „Република Македонија“, но и придавката „македонски“. Според насоките, медиумите ќе можат да ја користат придавката „македонски“ за изрази како македонска култура, македонска храна, македонска историја, но не и за македонските институции кои треба да се нарекуваат институции на „Република Македонија“ или на „Македонија“, но не и „северномакедонски институции“.
Овие насоки може да се косат со насоките кои претходно ги претстави грчкото Министерство за надворешни работи, во кои се инсистира за македонските институции да се користат изрази како „Влада на Северна Македонија“, а никако „македонска Влада“, но не се регулира употребата на придавката во други цели. Грчкото МНР најави дека на секоја употреба на придавката „македонски“ за да се опишат институциите или дури и приватни компании од Македонија кои се финансирани од државата, грчките дипломати ќе мора веднаш остро да реагираат.
Според македонското Министерство за надворешни работи, пак, придавката „македонски“ ќе може слободно да се користи за да се опишат етничкиот и културен идентитет на Македонците, македонскиот јазик, историја, територија и други атрибути.
На пример, македонски етнички идентитет, македонски јазик, македонска култура, македонска територија, македонски народ, македонска историја, македонски планини, македонска литература, македонската кирилична азбука, македонска храна, македонски цркви и друго. Неправилни се придавките како „северномакедонски“, „северенмакедонски“, „с македонски“ и „СеверенМакедонски“. Тие не треба да се користат, пишува во насоките кои се наменети за новинарите.
Грција со Преспанскиот договор се согласи македонскиот јазик да се нарекува така, додека за националноста инсистираше придавката „македонски“ да биде проследена со „граѓанин на Република Северна Македонија“ и да се појасни дека зборот националност означува државјанство, а не етничка припадност. Останува нејасно до која мерка Грција, но и Бугарија, ќе се согласат со употребата на придавката „македонски“ за етничката припадност, културата и други елементи од
македонскиот идентитет.
Според насоките на македонското МНР, придавки како „северномакедонски“ не треба да се користат ниту кога се однесуваат на официјални институции како што е Владата или министерствата, за кои треба да се применува новото име во целосна форма – Владата на Република Северна Македонија, а не Северномакедонската Влада. Во насоките, кои ќе се бара да бидат испочитувани во странските медиуми, се инсистира дека јазикот не смее да се нарекува „северномакедонски“, ниту пак етничката припадност на Македонците да биде северномакедонска.
Можете да кажете дека сте имале ручек со Претседателот на Република Македонија кој ве послужил со вкусни македонски специјалитети. Нема да биде точно ако кажете дека сте се сретнале со северномакедонскиот претседател. Или, кажете дека Тетово е општина во Северна Македонија каде што граѓаните обично зборуваат или на македонски или на албански. Или, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј„ е најстариот универзитет во Македонија, и таму имав разговор за македонската економија, но внимавајте, никако северномакедонската економија, пишува во насоките на македонското МНР до медиумите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.