Обвинителството будно го следи изборниот процес, првичниот впечаток е дека за овие избори има помалку нерегуларности во споредба со претходните. Досега нема отворена истрага за некој предмет, но се испитува дали има одговорност во два конкретни случаи, односно дали има основи да се покрене истрага.

Едниот од нив е по добиена пријава преку електронска пошта дека на млади активисти на една политичка партија во Кисела Вода им бил одземен рекламен материјал.

Во другиот случај, пак, се постапува по заканите изнесени на трибина на кандидатот Стево Пендаровски во Гостивар од граѓанин кој се закани дека вооружен ќе влезе во Државната изборна комисија (ДИК) поради тоа што според него, го избришале од Избирачкиот список.

Од Обвинителството велат дека има постапка во која се утврдува дали во случајов некој може да одговара за закана, по што понатаму се очекува одлука дали ќе се формира истрага или не.

За потсетување, во Гостивар, еден од граѓаните на трибината зеде збор и праша како може ДИК да избрише живи луѓе од избирачки список.

Триесет години гласам, ме избришале мене, не можам поддршка да ви дадам. И не само јас, има многу гостиварци избришани. Ве молам да се преземе мерка – му рече тој на Пендаровски.

На тоа Пендаровски му рече дека треба да отиде и да провери во ДИК, а човекот возврати: „Ќе појдам со пиштол“.

Од Обвинителството велат дека покрај овие два конкретни случаи по кои постапуваат, будно се следат и сите останати можни злоупотреби и нерегуларности.

Под лупа им е и говорот на омраза, за кој впечатокот на јавноста е дека се засили во финишот на кампањата. Потенцираат оти се следи сѐ што се изнесува и кажува јавно, но и дека има постапка за утврдување дали се исполнети елементите потребни за да има кривично дело за говор на омраза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.