Министерот за здравство, Венко Филипче, порача дека на состанок со Комисијата за заразни болести со претставници на МОН, меѓиу кои и министерот Арбер Адемизаклучиле дека е огромен ризик по здравјето и на учениците, нивните родителите и на вработените во училиштата доколку училиштата целосно се отворат и да функционираат од почетокот на септември.

Филипче, во изјава за ТВ „Сител“ посочи дека има многу примери од различни земји во светот, кога по отворањето на училиштата заради очигледно неминовното зголемување на бројот на заразени, училиштата повторно беа затворени.

Очигледно дека такво сценарио е можно и кај нас доколку целосно училиштата се отворат. Свесни сме дека ова е еден голем предизвик, дека нема идеално решение. Ја следиме дебатата во јавноста. Секоја од групите има некои свои аргументи, меѓутоа ние како Министерство за здравство апсолутно ставаме приоритет на заштита на здравјето на граѓаните, вклучително и на децата кои треба да тргнат на училиште – изјави Филипче.

Министерот вели дека имаат нивни сознанија, согледувања, анализи кои ги правеле, а од страна на МОН ги доставиле протоколите врз основа на кои би требало училиштата да функционираат.  Филипче посочи дека има многу протоколи, но тие не се почитувале и дека едноставно таму каде не се почитуваат протоколите може да биде потенцијален извор на зараза.

Филипче се осврна на целокупниот образовен процес, како функионирањето во училиштата, заеднички простории, заеднички тоалети, одморите како интеракцијата меѓу децата. Тој најави дека утре ќе имаат завршен состанок, по што би требало да биде закажана седница на Влада и да се донесе дефинитивна одлука.

Министерот додаде дека не се само децата во ризик, туку и нивните родители, некои од нив се и со хронични болести и затоа нивните насоки се, сепак, да се стави акцент на онлајн настава.

Сега навистина имаме една тешка одлука која треба да ја донесеме. Нема идеално решение. Мора да се заштити јавното здравје, а во исто време мора да се обезбеди и функционален едукативен процес многу битен за развојот на детето – потенцира Филипче.

Филипче вели дека за есенскиот период ниту една земја во светот не знае како ќе биде. Тој посочи дека епидемијата нема да трае вечно и апелира сите да бидат трпеливи.

Прашан за градинките, Филипче рече дека засега нема одлука за нивно отворање. Информира дека денеска имале заеднички состанок со претставници од МТСП, протоколите за работа на градинките се изготвени уште пред неколку месеци, а сега се ажурира бројот на новозапишани деца или на оние што сега треба да тргнат во училиште и врз основа на таа анализа ќе се направи соодветна одлука.

За руската вакцина против Ковид-19, Филипче рече дека се уште немаат доволно податоци за неа и се уште е рано за да заземат став.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.