Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, неделава ќе ги посети Грција и Македонија, каде што ќе има средби со претставници на власта, на граѓанското општество и на бизнис заедницата, соопшти Стејт департментот.
Во Атина, Рикер ќе се состане со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и со други владини претставници. Ќе се разговара за клучните прашања во билатералните односи како што се трговската, инвестициската, безбедносната и одбранбената соработка, регионалната стабилност и енергетиката. Тој ќе учествува и на тркалезна маса со претприемачи и бизнис лидери. Рикер ќе го посети и Солун, каде што ќе се сретне со локалните власти, со верски и со бизнис лидери, информираат од Стејт департментот.
Во Скопје, пак, Филип Рикер ќе се има средби со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и други владини претставници. Централни теми ќе бидат билатералните прашања и патот на Македонија кон членство во НАТО и ЕУ. Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, ќе разговара и со пратеници и со претставници на опозицијата, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Филип Рикер кој е поранешниот амбасадор на САД во земјава, последен пат го посети Скопје во март годинава во својство на цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД, должност што ја извршуваше пред назначувањето за американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.
Рикер неодамна во изјава за МИА во Вашингтон оцени дека Македонија во изминатиот период сработи одлично, и не треба да се дозволи земјата да подлегне на некаква дестабилизиција со непотребни политички игри. Администрацијата во Вашингтон е убедена дека Македонија е на вистинскиот пат и оти процесот треба да се истурка до крај со цел земјата да стане 30. членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во ЕУ, истакна Рикер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.