Поскапувањето на струјата ќе доведе до просјачки стап многу граѓаните кои живеат на работ на егзистенцијата. Ниските месечни примања, или пак социјалната помош не се доволни да ги покријат основните потреби за храна и сметки, па секое ново поскапување задава нов удар врз семејните буџети.
Не убедуваат дека поскапувањето не е големо, но мене многу ми значат тие екстра пари кои сега треба да ги давам за сметките за струја. Наместо за леб ќе треба да давам пари за да ја платам струјата. Со мојата пензија од 12.000 денари, што попрво?Дали за лекови, дали сметки?А огрев, кога и како ќе купам?Живеам сама и секако немам услови да се грејам на струја, па ќе мора да купам дрва. Но не останува и за тоа! Очајна сум!Не можам да го преживеам месецот, а кога ќе ми дојдат внучињата, ќе немам ни една бонбона да им пружам – вели пензионерка од Скопје.
Според неа протестите против поскапувањата на струјата се оправдани.
Струјата нема да поскапи за 7,4 отсто ако енергетските компании го намалат бројот на вработени за 20 отсто, смета професорот во пензија Константин Димитров.
Според него овие фирми со години имаат поголем број вработени од тоа што реално им е потребно. Посебен проблем е тоа што таму со години се вработува по партиски, етнички и друг клуч кој нема никаква врска со стручноста.
Димитров смета дека освен помалку вработени, овие компании можат во овој период на економска и здравствена криза да трошат од високите добивки кои ги акумулираа во претходниот период. Но, конечно и државата да изработи стратегија за овој сектор. Според него, важно е државата да произведува повеќе струја.
Зошто не може да произведе е прашањето кое се поставува сега. Дали не работи РЕК Битола според предвиденото? Нормално, вода нема затоа што ја потрошија. И сега ќе увезуваме. Значи, имаме неправилно предвидување, работење ад хок, ден за ден, наместо подолгорочно прогнозирање, немање политика за развој. Сето тоа доведува до тоа да купуваме и да плаќаме. А, кој плаќа? Плаќа народот. Мораме да платиме – вели професор Димитров.
Токму неоправданото поскапување на електричната енергија е една од причините за денешниот протест на ВМРО ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.