По протестот на локалното население во пробиштипското село Турско Рудари, реакција на изградба на мали хидроцентрали во подножјето на Осоговските Планини пристигна и од соседната општина Кочани, каде што исто така се најавува изградба на мала хидроцентрала под Пониква, на Мала Река, блиску до акумулацијата Градче, на истиот концесионер ДИС енергија доо од Скопје.

Апсолутно не ја поддржуваме изградбата на хидроцентрала на Мала река бидејќи со тоа целосно ќе се наруши биодиверзитетот, ќе исчезнат ендемските видови на риби и животни и ќе настане пустина за целокупниот жив свет во подрачјето каде ќе се гради, а ќе се наруши и дотокот на водата во акумулацијата Градче која е обележје на нашиот град – се вели во реакцијата на граѓанското здружение „Грин.орг“ од Кочани.

Од граѓанската иницијатива велат дека, иако барале, од локалната самоуправа не добиле на увид записник од јавна расправа, бидејќи таков не постои иако постои законска обврска да се консултира јавноста за ваков инфраструктурен проект.

За оваа иницијатива сме поддржани од 33 други здруженија ширум државата. Иако Осоговските планини се веќе заштитено подрачје, концесионерот со дозвола на министерството направил сеча на дрва и опустошиле голем дел во делот каде што треба да се гради оваа хидроцентрала, а почнале со подготовки без дозвола за градба од општината. . Сметаме дека изградбата на малите хидроцентрали има елементи на беззаконие и криминал и ќе се бориме со сите сили здружено против изградбата на хидроцентралата на Мала река – се наведува во реакцијата на „Грин.орг“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.