Продолжува револтот и противправните активности на жителите на селото Слупчане, па проблемот со електричната енергија отишол дотаму што слупчанци предизвикале нов дефект во инсталацијата и без снабдување вечерва го оставиле граничниот премин „Табановце“, дознава Плусинфо од извори во ЕВН.

Како што објави порталот, прекинот на електрична енергија траел само неколку минути.

„Само пред неколку десетина минути повторно извршиле манипулации во мрежата и предизвикале дополнителен дефект поради што без снабдување остана граничниот премин ‘Табановце’. Снабдувањето на граничниот премин со електрична енергија сега е нормализирано“, соопшти ЕВН.

Претходно, жителите на Слупчане ги уништија трафостаниците за снабдување со електрична енергија и направија дефект од највисок степен, поради што жителите од селото и пошироко останаа без струја.

Кумановското село Слупчане и другите околни села Оризаре, Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце сѐ уште се соочуваат со прекини во снабдувањето поради сериозниот дефект, потврдија од ЕВН Македонија.

Ова е втор пат дефект од ваков обем во Слупчане да предизвика прекин на снабдувањето со електрична енергија во околните села. Пред околу 3 недели, одредени лица безуспешно се обиделе да го вратат напојувањето на селото, кога нелегално влегле и упаднале во среднонапонски енергетски објект. Се покажа дека ова е дефект кој освен Слупчане, остана без струја и други села.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.