Градоначалникот на куманово, Максим Димитриевски, на седница на Советот на општината истакна дека зголемената цена на новоизградени станови во Куманово главно се должи на пазарната економија, а во помала мера и на зголемените комунални давачки и примената на одлуката на Советот со која се дозволува 50 проценти искористеност на градежната парцела.

На прашањето од советникот Зоран Петрушевски од опозицијата дали заострените одлуки на Советот придонеле за зголемување на цената на квадрат кој во одредени атрактивни зони во Куманово достигнува и над 800 евра за квадрат, Димитриевски одговори дека на тој начин се става ред во урбанистичкото живеење и нагласи дека и во иднина ќе се применува одлуката.

Онаму каде што има простор дополнително и ќе се намали процентот на искористеноста на градежната парцела. Целта е да се воведе ред во градењето, додека да се донесе план за централното градско подрачје, каде сега има притисок и целта е Куманово да стане модерен град. Општината не сака да зависи од одредени сопственици на земјиште кое го добиле години наназад и не може тие да бидат урбанисти во градот – изјави Димитриевски.

Тој потсети дека на почетокот на мандатот е донесена непопуларната одлука за коефициентот на искористеност на градежната парцела, иако, како што истакна, имало реакции и од дел од градежната фела, архитектите, но и дел од советниците. Димитриевски нагласи дека пред неколку години цената на комуналните давачки била дури и пониска од помалите градови од државата, што било нелогично и овозможило да се гради на секој чекор.

Со сегашниот закон, кој е во сила, нам како општина буквално ни се дава можност таму каде што ќе сметаме и каде има можност и да се намали коефицинетот на искористеност под 50 проценти – истакна Димитриевски.

Тој потенцира дека од изградба на објект кај поранешен „1 мај“ општината инкасирала 80 милиони денари од давачки и дека оваа година се издадени повеќе дозволи за градби.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.