Ниски откупни цени на компирот како и стагнација на цената на млекото и јагнињата и годинава се само дел од проблемите со кои се соочуваат сточарите од Малешевијата. Како што вели Драган Џингарски од беровско Русиново, сите овие проблеми го прават тежок животот и егзистенцијата во овој крај од државата.
Уште кога работев во 1990 година во млекара, уште тогаш млекото беше18 денари, и сега е толку. Сите цени се покачија само цената на млекото остана иста. Ако сака државата да ги задржи луѓето мора нешто да се стори за луѓето. Без пари не се живее. Да има нешто гарантирано може да се живее, а вака тешко, вели Џингарски.
Додава дека слична е ситуацијата и со јагнето чија цена се движи до 140 денари за килограм жива мера.
Јагнињата од 140 денари досега поголема цена не е постигната, кога дојде откупот падна на 100 до 120 денари за килограм. Јас чувам и десетина крави, но од година во година е се потешка егзистенцијата во сточарството, додава Џингарски.
Данка Алаѓозовска од Русиново, која е производител на компир, се подготвува за собирање на реколтата од овогодишниот род, но вели дека најавените ниски цени не навестуваат спокојна зима.
За компирот уште сега се спомнува цена од 8 денари. Со тие пари ниту можеш да садиш, ниту да работиш. Плус пласманот оди тешко. Компирот е добар оваа сезона, уште 10 дена ќе почне реколтата да се собира, ќе почнат да доаѓаат купци, но најавената цена од 8 денари не е добра за нас, имаме далеку поголеми трошоци кои не можеме да ги покриеме, вели Алаѓозовска.
Единствената светла точка годинава беше сливата за која имаше откуп но далеку од цена која ќе биде доволна за земјоделците да имаат финансиски бенефит. Вкупно 250-те илјади стебла сливи во Малешевијата годинава беа со послаб род од лани, но тоа не ја подобри цената за модра слива за која трговците плаќаа најмногу по 14 денари за килограм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.