Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, денеска од Дојран ги повика сите производители на земјоделски производи и традиционални специјалитети, да ги заштитат своите производи со „Ознака за потекло“, „Географска ознака“ и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет”.

Југоисточниот дел на нашата држава, изобилува со самоникнати диви смокви, посебно на подрачјето на општините Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово. Од дивите смокви, во овој крај традиционално се произведува познатото слатко од диви смокви. Сепак, слаткото од диви смокви се произведува само за домашна употреба. За да може овој вкусен традиционален производ да се пушти во слободна продажба на пазарите и да прерасне во бренд специфичен за овие простори, потребно е да се заштити со Ознака за гарантиран традиционален специјалитет, наведуваат од Министерството.

МЗШВ неодамна го објави јавниот повик наменет за финансиска поддршка за изработка на елаборати и спецификации на регистрација за заштита на називот на земјоделските и прехранбените производи со „Ознака за потекло“, „Географска ознака“ и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет”.

Ние имаме многу наши надалеку познати традиционални специјалитети кои досега не беа заштитени со ниту една од предвидените ознаки. Затоа, ги повикувам сите оператори кои се занимаваат со производство, преработка или трговија на ист земјоделски или прехранбен производ без разлика на нивниот правен облик или состав и кои се мотивирани да го заштитат својот производ, да аплицираат на јавниот повик за кој останува уште 31 ден, заклучно со 2 август, изјави министерот Димковски.

Со цел да се поттикнат нашите производители на земјоделски производи и традиционални специјалитети, да ги заштитат своите производи, во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година, МЗШВ одвоило средства во висина од 1.500.000 денари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.