До крај на годинава дефинитивно граѓаните ќе доживеат ценовен шок на сите полиња. Ќе поскапи храната, енергенсите, превозот, суровините. Целиот синџир на поскапување ќе значи силен финансиски удар врз семејните буџети. И онака тешко се крпи месецот, а сега со реализираните, но и најавените нови поскапувања уште потешко ќе се живее. А сите се согласни дека инфлација ќе има и тоа повисока од планираното. И аналитичарите и надлежните институции  и производителите и трговците. За обичниот човек пак, поскапувањата се повеќе од очигледни. Влегуваат во продавница, а излегуваат со многу малку производи, платени со пари со кои до пред неколку месеци ќе наполнеа кошница.

Предвидувањата за повисока стапка на инфлација за оваа година се содржани и во Анкетата за инфлациските очекувања и за реалните движења на БДП, подготвена од Народната банка. Таа анкета, според НБМ, била направена во периодот од 15 до 22 септември годинава, а се темели на прогнозите кои ги дале економски експерти.

Според нив, земјава годинава ќе ја заврши со стапка на инфлација од 2,8 отсто, наспроти 2,3 проценти колку што навеле дека очекуваат дека ќе изнесува инфлацијата во претходната анкета.

Анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП1 за периодот 2021 ‒ 2023 година, спроведена во септември, упатува на нагорна ревизија и на очекуваната просечна стапка на инфлација и на очекуваниот раст на БДП, се вели во анкетата од централната банка.

Во однос на инфлацијата, очекувањата за 2021 година упатуваат на просечна стапка од 2,8 отсто, наспроти 2,3 отсто во претходната анкета. Повисоки се и очекувањата за 2022 и 2023 година, односно испитаниците очекуваат дека стапката на инфлација ќе изнесува 2,5 отсто во 2022 година, наспроти 2,1 проценти во претходната анкета, и 2,3 отсто во 2023 година, наспроти 2,0 отсто во претходната анкета, се вели во анкетата.

Слично како и во претходната анкета, испитаниците ги објасниле своите инфлациски очекувања пред сѐ со постепеното стабилизирање на состојбата предизвикана од пандемијата, која би довела до зголемена домашна побарувачка, како и повисоките цени на увезените добра, како што се цените на храната и енергијата.

Исто така, испитаниците сметаат дека монетарните и фискалните мерки, како и растот на платите, би придонеле кон повисок раст на инфлацијата.

И државниот завод за статистика вчера го објави најновиот извештај за инфлацијата, кој покажува дека во септември годинава во однос на истиот месец лани, трошоците на живот пораснале за 3,7 отсто. Кај цените на мало годишниот раст е дури 5,6 проценти.

Најголемите поскапувања ги повлекле храната и безалкохолните пијалоци, кај кои зголемувањето е за 3,9 отсто, од што само кај храната поскапувањето изнесува 4,2 проценти. Најголемиот пораст кај храната и безалкохолните пијалоци всушност отпаѓа на маслата и мастите, односно маслото за јадење, каде има поскапување за дури 26,7 отсто, како и кај зеленчукот, каде што зголемувањето е за 17,6 проценти во однос на истиот месец лани. Позначаен пораст од 3,9 отсто има и кај шеќерот, медот, џемот, чоколадата и кондиторските производи. Кај лебот и житата растот е за 1,2 отсто, кај млекото, сирењето и јајцата растот е за 1,1 отсто, додека кај месото поскапувањето е за 1 процент. Значајно поскапување има кај тутунот, за 5,5 отсто, додека има благ пораст кај алкохолните пијалоци.

Кога станува збор за трошоците во групата на домување, најголем е порастот кај гасот, за 23,8 отсто, но и кај течните горива, и тоа за 24,3 проценти.

Огромен пораст од 15,7 отсто е забележан кај трошоците за транспорт. Во тој дел најголемото поскапување од 42,1 отсто е кај воздухопловниот патнички транспорт, а големи поскапувања има и кај транспортните услуги, за 22,7 отсто, како и кај горивата и мазивата за сопствени превозни средства, за 22,2 отсто.

Компјутерите, односно информатичката опрема за обработка на податоци поскапеле за 16,9 отсто.

И бизнис секторот пред неколку дена најави дека очекуваат раст на цените на некои основни прехранбени производи од 40 до 50 проценти.

Стопанствениците бараат навремено да се ублажи ценовниот шок кој се очекува да ги погоди граѓаните до крајот на годината. Во моментов продуктите веќе се поскапени од 5 до 10 отсто.

Растот на цените може да се ограничи на само 15 проценти, сметаат од Стопанската комора, но само доколку Владата излезе во пресрет. Како причина за раст на цените се наведуваат климатските промени, намаленото земјоделско производство, недоволна работна сила, скапиот транспорт и скапите енергенси.

За сувомесните производи цените се очекува да се зголемат за 20 до 40 проценти, но зголемување на цената ќе има и кај лебот. На фармерите основните производни трошоци, велат од таму, им се зголемени за 70 до 80 проценти, поскапени се и фолиите, енергенсите. Во млечната индустрија за 10 – 11 отсто се зголемени директните трошоци.

Производителите потврдуваат дека драстично поскапеле житарките и маслодајните семиња. Нивните цени во моментов се повисоки за 20 до 100 проценти отколку пред една година. Со оглед дека житарките и маслата се составен дел на многу прехранбени производи, се стравува дека скокот на нивните цени ќе предизвика бројни поскапувања на храната во продавниците, што би го загрозило животниот стандард на граѓаните.

Поскапувањето на месните преработки се очекува да биде 15 отсто колку што е на глобалните пазари, но може да е и повеќе ако државата продолжи да ја игнорира поддршката.

Сојата минатата година се купуваше за 340 – 380 евра за тон, а на почетокот на годината скокна до 500 евра. Поскапени се и пченицата, јачменот и пченката. Брашното поскапе 20 проценти за 12 месеци, додаваат од комората.

Власта пак ги обвини бизнисмените дека претерале во најавите за зголемување на цените на нивните производи. Признаваат дека има зголемување на основните суровини кои ќе предизвикаат раст на цените на храната, но тој нема да достигне 50 отсто како што алармираа од бизнис заедницата. За премиерот Зоран Заев инфлацијата ќе биде на ниско ниво и затоа граѓаните не треба да ставуваат од раст на цените на храната.

Претерано е кажувањето од 50 проценти ќе пораснат цените, тоа апсолутно не е точно. Инфлацијата во државата е контролирана и е до 2,7 проценти и таа е на ниско ниво, инфлација се чуствува над 10 проценти. Ние не можеме да бидеме изолирани од светот како во светот се случуваат работите така и кај нас, затоа што сме отворен пазар, поврзани сме и зависни од европските пазари. Во прехрамбената индустрија ги имаме алатките на стоковните резерви за итнеревенции за да смириме временски шокови – изјави тој деновиве.

Владините претставници тврдат дека мерки доколку треба ќе бидат донесени, но не е време јавноста да знае какви мерки би се преземале поради изборната кампања.

Не би сакале да кажеме што се мерките, евентуално би донеле во одреден временски период зошто различно се толкуваат. Прво заради предизборниот период, но и заради мерки кои што се уште бараат дополнителни анализи од наша страна. Да ја слушнеме другата страна, зошто вчера само имавме една нивна изјава без да видиме од каде потекнува таа изјава, дека би можеле да имаме евентуален ценовен шок во одредени производи за граѓаните, тврдат тие.

Инаку и Агенцијата за храна на Обединетите нации(ФАО) излезе со извештај дека цените на храната на светските пазари во септември се зголемиле, втор месец по ред, достигнувајќи рекордно ниво во изминатите десет години, поттикнати од поскапувањето на житариците и растителните масла.

Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи цените на потрошувачката кошница со основни прехранбени производи, се зголемил за 1,2 отсто во септември во однос на август, достигнувајќи просечни 130 бодови, што е највисока вредност од септември 2011 година. Во споредба со септември лани, пак, индексот е поголем за 32,8 отсто.

Цените на житните култури најмногу се зголемиле минатиот месец, за два отсто во споредба со август, што се одразило на поскапувањето на пченицата за речиси четири проценти поради намалениот извозен капацитет во услови на силна побарувачка.

Меѓу главните житни култури, пченицата ќе биде во фокусот следните недели бидејќи драстичниот раст на цените ќе ја тестира побарувачката, истакна високиот економист на ФАО, Абдолреза Абашијан.

Растителните масла, исто така, значително поскапеле, за 1,7 отсто во споредба со август. Тоа се должи на растот на цената на палминото масло под влијание на силната увозна побарувачка и загриженоста предизвикана од недостигот на работна сила во Малезија.

Цената на маслото од репка, исто така, значително се зголеми, додека сончогледовото и соиното масло поевтинија.

Во споредба со минатиот септември, цените на растителните масла се повисоки за околу 60 проценти.

Цените на млекото и млечните производи се повисоки за 1,5 отсто, како одраз на драстичниот пораст на цените на путерот и обезмастеното млеко во прав кои, пак, се погодени од побарувачката за увоз и ограничениот капацитет за извоз, особено во Европа, поради ниските резерви и сезонскиот пад на производството на млеко.

Шеќерот поскапе за 0,5 отсто во однос на август поради неповолните временски услови во земјата која е најголем извозник – Бразил, што делумно беше компензирано со забавување на побарувачката за увоз и поволните можности за производство во Индија и Тајланд, покажуваат податоците на ФАО.

Цените на месото беа стабилни бидејќи поскапувањето на овчо и говедско месо поради малата понуда го надомести падот на цените на свинското и живинското месо од влијанието на изобилната понуда и послабата побарувачка за свинско месо во Кина и Европа, тврдат од ФАО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.