Денеска е последниот ден за граѓаните да ги искористат домашните платежни картички за „Купувај домашно“.

Како што информираат од банките, од 16 август средствата не може да се користат и неискористеното се должни да го вратат во државниот буџет. Можноста за платежни картички ја имаа преку 324.000 корисници во четири категории: социјално загрозените, вработените со низок доход, младите лица и здравствените работници ангажирани за справување со пандемијата.

Дали сите ги искористија средствата и за што? Картичките беа дистрибуирани преку 9 банки. Од банките велат дека повеќе од 90 проценти платежни картички се подигнати. Останаа неколку проценти за кои не се знае од кои причини граѓаните не ги зеле.

Но, за платежните картички имаше и преку 30.000 жалби од оние кои сметаа дека неправедно не добиле домашна платежна картичка. Само околу 10 насто од приговорите беа прифатени.

Во анкета со граѓаните, најголем дел од граѓаните велат дека средствата ги искористиле за прехранбени и основни продукти.

И од Државниот пазарен инспекторат потврдуваат дека граѓаните главно парите ги трошеле во маркетите за прехранбени и основни продукти. Според Стојко Пауновски, постојано се следела акцијата.

За да нема неправилности уште во почетокот почнавме со опомени и едукација за стопанските субјекти за тоа што се домашни производи. Главно беше во ред. Инаку, граѓаните, освен во трговијата можеа да трошат и во угостителството и занаетчиството. Можеше да се оди и на фризер и на козметичар, на пример – вели Пауновски.

Според универзитетскиот професор од прилепскиот Економски факултет Димитар Николоски кој го анализира пазарот на трудот, домашните платежни картички се краткорочни економски мерки и имаат позитивни сигнали во јавната потрошувачка и во поттикнување на домашното производство.

Николоски споменува дека сега, кога се најавува и економски и здравствено тешка есен, неопходни се економски мерки на среден и подолг рок. Тоа е голема обврска на новата влада. Инаку, како што вели Николоски,според податоците на Агенцијата за вработување се проценува дека од почетокот на кризата без работа останале повеќе од 20.000 работници. Сепак, за поточна оценка се чекаат податоците од Анкетата за работна сила за вториот квартал во 2020 година.

 

Претходната влада реализираше неколку пакети мерки за брзо интервенирање со цел ублажување на последиците од кризата. Освен тоа, неопходно е правилно секвенционирање на политики со подолгорочни ефекти. Во овој контекст, пред идната влада се поставуваат големи предизвици за натамошни чекори за излез од економската криза. Прво, мора да има  мапирање на најранливите категории население кои се долгорочно под опасност од невработеност и ниски приходи. За оваа категорија е неопходно креирање соодветна социјална програма за обезбедување загарантиран минимален приход комбинирана со соодветни активациски политики. Потоа, треба да има помош за креирање работни места во стратешките сектори што би требало да биде симултано поттикнато од фискалната и монетарната политика. Со оглед на неизвесноста за иден нов бран на епидемија, домаќинствата и компаниите се претпазливи. Затоа, потребни се мерки за враќање на довербата кај потрошувачите и кај бизнис секторот преку креирање бизнис-амбиент кој би ја инкорпорирал новата реалност. Владата треба да игра клучна улога преку поттикнување на побарувачката во градежниот сектор, реализацијата на инфраструктурни проекти и на други јавни работи. Посебен акцент треба да биде ставен врз активните политики на пазарот на трудот и асистирање во потрага по работа за да се обезбеди брза релокација и повторно вработување на работниците што ја загубиле работата. Со тоа би се овозможило брзо регрутирање на работници во секторите кои се во експанзија како резултат на пандемијата, на пример во здравството, прехранбена индустрија – објаснува универзитетскиот професор Димитар Николоски од приелпскиот економски факултет.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.