СДСМ ја призна катастрофалната измама со воведувањето на прогресивен данок на личен доход и повисоки стапки за одредени други доходи, велат денеска од Комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ.

Жалосно е кога ќе се увиди дека Зоран Заев, Кочо Анѓушев, Драган Тевдовски, Нина Ангеловска и целокупната власт на СДСМ си играат играчки со државата и се глупираат со народните пари, се вели во нивното соопштение.

Од Комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ бараат одговорност од погоре споменатите лица за злоупотреба на народните пари и водење на лоши политики поради следниве причини:

– Извршувањето на основните функции на државата, платите во јавниот сектор, социјалните трансфери, здравството, образованието и капиталните инвестиции се опасно загрозени бидејќи планираните приходи во буџетот на РМ не се остваруваат согласно планираното.

 

– Државата наплаќаше повисоки стапки на даноци од граѓаните иаку политичарите беа свесни дека тоа е погрешна политика. Кој ќе ги надомести погрешно наплатените пари од граѓаните? Сдсм со својата грешка граѓаните ги оштети за милиони денари.

 

– За ова катастрофално фијаско со децениската даночна реформа беа ангажирани стотици експерти од Управата за јавни приходи, Министерството за финансии и други државни институции. Беа делени награди за успешност. Наместо сето ова, можеше тие човечки ресурси да бидат искористени за сузбивање на сивата економија и олеснување на пристапот на граѓаните до даночните системи и услуги.

 

– Многубројни граѓани и бизниси ги трансформираа своите приходи и бизниси во други држави или во друга форма во Македонија, со што не само што го избегнаа прогресивниот данок, туку во моментов воопшто не плаќаат даноци во Македонија. На ваков начин Македонија изгуби уште повеќе, даночната евазија се зголеми.

 

– Поради послабите приходи од промашената даночна реформа, јавниот долг само во последниве три месеци се зголеми за плус 105 милиони евра, а за цела 2019 (девет месеци, заклучно со 30.09) јавниот долг е зголемен за 203 милиони евра. Секое лице во Македонија доби плус 100 евра долг поради лошата даночна реформа, секое семејство доби плус минимум 400 евра долг за само 9 месеци.

 

– Конкурентноста на македонската економија опадна поради дополнителните давачки, а нето ефектот излезе поразителен. Нашиот извоз ќе растеше уште подобро, а сега ги трпиме последиците од лошите даноци.

 

– Одредени сектори во индустријата (ИТ секторот најмногу) беа сериозно погодени од овие даночни реформи. Ваквите катастрофални решенија ги вратија ИТ секторот и другите сектори во Македонија во многу послаба кондиција и придонесоа за нивно селење надвор од Македонија.

 

– Сиромаштијата не се намали, ама владиното трошење се зголеми. Всушност состојбата на сиромавиот Македонец воопшто не се подобри, туку се влоши, бидејќи се намалија можностите за отворање нови компании и вработување на лицата со мали или никакви приходи.

Поради сето ова погоре споменато, поради фактот дека даночната реформа беше децениска реформа, а испадна измама на векот од страна на сдсм, бараме одговорност за овие постапувања, додаваат од Комисијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.