Претседателот на Владата Зоран Заев посетата на преспанскиот регион ја искористи и за увид и обиколка на Преспанското Езеро за прецизирање на спроведувањето на препораките и акцискиот план предложен од експертите за одржливо управување на Преспанското Езеро.
Премиерот Заев подвлече дека без разлика што сме соочени со факторите на кои не можеме да влијаеме, како што се климатските промени и актуелната временска ситуација, препораките што произлегуваат од студијата и акцискиот план со конкретни мерки и временски рамки, укажуваат дека излезните решенија за ревитализација на Преспанското Езеро ќе се организираат во три фази.
Првата фаза која опфаќа анализи, студии, препораки, средби на засегнатите страни, во голем дел е веќе спроведена, додека за следните две фази клучна ќе е иницијативата и кај соседите, па во таа насока ќе побараме трите земји да му дадат нова динамика и на проектот за комплетна заштита на Преспанското езеро поддржан од Европската Унија. Во делот на краткорочните мерки, Владата ја подготви одлуката за определување на финансиски средства за општина Ресен во висина од 80 милиони денари кои ќе бидат наменети за чистење на површините на езерото каде што е водата повлечена, посебно во делот кај некои од плажите. Чистењето на овие површини од тињата и од остатоците од дрва и друг материјал ќе се изврши со посебни бродови опремени за таа намена кои нема да наштетат на биодиверзитетот, а ќе го овозможат понирањето на водата и сигурен и стабилен воден режим посебно во летниот период. Во рамките на втората фаза на ревитализација се предвидени и мерки за напредок на активностите за изградба на современи прочистувачи на сите отпадни води кои се влеваат во Преспанското езеро. Дека нашата грижа е континуирана, покажуваат и нашите дела. Владата издвои 80 милиони денари за земјоделците кои претрпеа штети од невремето. Сите граѓани на преспанскиот регион веќе ја препознаваат оваа грижа. Наша обврска е да ја покажеме таа грижа и Преспанското Езеро да се сочува денес за идните генерации, порача премиерот Заев.
При обиколката, градоначалникот Гошаревски изјави дека општината постојано ја следи состојбата со нивото на езерото преку мониторинг станицата во Стење.
Следејќи го падот на нивото на езерото, веднаш ги алармиравме сите надлежни институции, на кој аларм, беше одговорено енергично и од Владата и од Министерството за животна средина. Преку средби со министерот но и со експерти кои се бават со оваа проблематика и како резултат на тоа произлезе и акцискиот план за заштитата на езерото. Проблемот е комплексен и ќе се решава од страна на трите држави кои го делиме езерото, изјави градоначалникот Гошевски и додаде дека преземените краткорочни мерки даваат надеж дека го спасиме прекрасното Преспанско Езеро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.