Нема промена на даноците. Во првите пет месеци годинава, споредено со лани, имаме 20 проценти подобрена наплата, што значи дека економијата заживува, а значајно е што инфлацијата е стабилна. Веруваме дека секоја криза, е и можност и затоа ги објавивме и овие големи проекти. Ако успеат, тоа ќе направи дополнително придвижување и на економијата, и на економскиот стандард и на новите работни места, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Во однос на задолжувањето, Заев рече дека како и досега, така и оваа година 50 отсто е дома, 50 отсто надвор, посочувајќи дека додека тој раководи со Владата сите финансиски средства биле за капитални инвестиции.

– Годинава имавме можност да земеме 700 милиони евра кредит со 1,625 отсто каматна стапка, од коишто враќаме 500 милиони земени со каматна стапка од 9,8 проценти и штедиме 82 милиони евра само на разликата на каматите. Поттикнавме и домашните кредитори да дадат таква ниска каматна стапка. И тие следејќи го меѓународниот пример, а имајќи слободни ликвидни средства дадоа некаде околу 100 милиони за 1,625 отсто, така што, драго ми е што каматните стапки се паднати и најголем дел се рефинансираат стари обврски со високи каматни стапки, а остатокот како разлика оди во капиталните проекти, појасни Заев.

Важно за фискалната стратегија, нагласи тој, е што нема промена на даноците и таа е стабилна.

– Секако останува нашата внатрешна дебата и анализа за правичното оданочување. Веруваме како левичарска влада дека треба да го има, но структуирано, разложено, многу често и заменик-министерот за финансии и потпретседателот на Владата за економија, директорката на УЈП објаснуваат што е намерата, навистина правичност до крај, односно побогатите да плаќаат повеќе, па дај боже сите да бидеме побогати, тоа е конечната цел, појасни Заев.

Премиерот посочи дека 200 милиони евра или некаде за повеќе од 20 проценти се подобрени приходите од наплата на даноците во првите пет месеци, што е само по себе доказ дека економијата добива на сила, односно заживува комплетно.

– Значајно е што инфлацијата е стабилна иако е 1,5 до 2 отсто, сега е променето, но тоа е сосема стабилно. Дополнително за нашата структура на економијата значи исто така ветер во грб посебно за извозно ориентираните компании и верувам дека ќе помогне, но се држиме комплетно до сите критериуми и до сите меѓународни укажувања коишто доаѓаат најчесто преку нашите први соработници, а тоа е ММФ, Свеска банка и Европската комисија, изјави Заев.

Во однос на проекцијата за раст од пет проценти, Заев рече дека целта е поставена на реалистички или оптимални основи, но оти верува дека може и многу повеќе да постигнеме.

– Посебно ако успееме во намерата на реализација на овие големи проекти. 4,2 милијарди се приватни инвестиции, јавни приватни партнерства или концесии, 3,8 милијарди евра се наши домашни даночни пари од граѓаните и кредити нормално, коишто ќе значат дополнително акцелераторска можност на развојот на економијата. Во моментот секако како и сите земји располагаме со државниот долг, иако го соопштуваме јавниот долг, државниот е 54-55 отсто, јавниот е 63-64 проценти, колку што се движи во моментот. Целта е до 2026 година да паднеме на јавен долг под 60 отсто, а на државниот под 50 проценти, изјави Заев.

Тоа е возможно, продолжи тој, само ако проекциите за раст на економијата растат, а ги намалуваме непродуктивните расходи, односно го исполниме ветувањето за намалување на јавната администрација.

– Верувам дека успеваме. Затекнавме администрација поголема од 148 илјади, во моментов е 132 илајди и верувам дека со законите за пензионирање, со вклученоста на коморите ќе успееме низ годините навистина да ја рационализираме и намалиме јавната администрација. Но, во споредба со многу други земји во околината и во ЕУ предначиме и сме позитивни. Верувам дека ова може да биде само ветер во грб да бидеме уште подобри во оваа позитивна компетативност и  конкурентност со регионот, рече Заев.

Во однос на најавените проекти, Заев, посочи дека се работи за проекти важни по суштина и по структура.

– Воопшто не се важни осумте милијарди и двесте. Важно е што имаме интерес, преговараме повеќе месеци и сме пред склучување на договор за скијачки центар Попова Шапка. Важно е што имаме комплет документација од германска компанија за инвестиција на 400 мегавати ветерници. Важно е што собравме капацитет и сила сами да градиме за ЕСМ, за државата 350 мегавати за фотонапонски централи на порано проектираната површина во Штип за аеродромот која што е навистина ретка можност како локација. Важно е што имаме девет џиновски компании за Чебрен и Галиште, важно е што Лидл влегува во државата, важно е што имаме 30 конкретни нови странски инвестиции со вкупната вредност некаде околу една милијарда евра само во ТИРЗ-овите или во другите индустриски зони во државата и тоа рамномерно насекаде по државата. Навистина е важно тоа што го работиме и секако останува граѓаните да ценат, рече Заев. аа/сп/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.