Премиерот Зоран Заев смета дека со зголемување на економскиот раст односно на БДП-то на државата ќе се намалува јавниот и државниот долг. Сите индикатори – приходите во државата, извозот, увозот во државата, индустриското производство покажуваат дека сме на вистинскиот пат за да се зголеми економскиот раст, вели Заев и додава дека државата има обврска тоа да го помогне.

Нека продолжат трендовите на раст на БДП заради тоа што тоа го очекуваме. Веќе вториот квартал споредено со, еве денеска и на дебатата од која што излегуваме е дека вториот квартал лани имаше пад од 14,9 отсто. Само да го анулираме тоа, е раст од 15 отсто споредено со лани. Целото зголемување на очекуваниот раст на БДП веднаш го релативизира односно минимизира јавниот долг затоа што тоа се прави во споредба со БДП на државата. Сите индикатори – приходите во државата, извозот, увозот во државата, индустриското производство покажуваат дека сме на вистинскиот пат. Државата има најмалку обврска да го помогне тоа. Затоа имаме 107 милиони евра дополнителни капитални инвестиции. Основата е 30 проценти скоро имаме поголема реализација во споредба со лани или со трендот од претходните години – рече Заев.

Дополнително, нагласи, имаме 100 милиони евра помош за мерките за да може да бидат акцелератор на развој. Нема, рече, да делиме плати по 14.500 сигурно, но ќе поддржиме инвестиции.

Секој што ќе смогне храброст, ќе повлече кредити, ќе влезе во нова инвестициска активност може да смета на својата земја за поддршка. Гледате како се сите расходни делови направени се со конечна цел да бидеме акцелератор односно ветер во грб за севкупниот економски развој на државата. Ние сме сите отворени за дебата, но тоа што го изградивме е токму од тоа што го слушавме – од јавноста, од коморите, од девелоперите или развојните алатки во државата коишто ги имаме и така е вграден и јас сум среќен што имаме сила и капацитет да еден ваков ребаланс на Буџет го проектираме и го презентираме пред јавноста – рече Заев.

Тој нагласи дека јавниот долг во бројка е околу 64 проценти, но посочи дека треба да се знае дека според Махстришки критериуми се гледа државниот долг кој во моментов е некаде 55-56 проценти, и оти тој според ЕУ не би требало да надмине 60 проценти.

Тој, имајќи предвид со какви предизвици се справува светот, имајќи предвид дека пораснал од 10 до 35 отсто за време на кризата во различни земји мислам дека сме ние долу на прагот и навистина се снајдовме со тоа што – да, го зголемивме јавниот долг, да помогнеме на стопанството, но, рака на срце сите гледате се откажавме од непродуктивни трошења за да му помогнеме на стопанството. И денеска ги имаме резултатите, плодовите и денеска ги чувствуваме, но верувам дека доаѓа токму периодот на којшто ќе се радуваме на бројки на БДП, и на уште помала невработеност во стопанството, и на уште поголем раст на извозот и продуктивноста на нашата економија затоа што верувам дека навремено се е сработено за да можеме да очекуваме вакви позитивни трендови и резултати – рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по дискусијата за македонската економија пред и по Ковид-19.

Во врска со исплатата на К-15 за јавната администрација, тој уште еднаш нагласи дека тоа е обврска преземена со колективни договори потпишани во 2019 година. Доколку не ги исполни обврските, нагласи премиерот Заев, државата со камата преку извршители ќе треба да си ги плати на суд. Дополнително, нагласи тие средства граѓаните ќе ги користат за јавна потрошувачка која исто така учествува во голем дел во економскиот раст.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.