Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција, во присуство на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за правда Бојан Маричиќ, го презентираше Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на ковид-19, чиј текст беше утврден на денешната, 83-та седница на Владата.
Тој истакна дека со овој Закон како мерка за ублажување на последиците од пандемијата, вклучен во петтиот пакет мерки, Владата уште еднаш ја потврдува грижата за граѓаните и социо-економските последици кои ги почувствуваа поради пандемијата со ковид-19. Премиерот Заев посочи дека со Предлог-законот се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на законот.
Грижата што ја покажуваме со оваа мерка, опфаќа преку 150.000 граѓани, а законското решение нема негативни финансиски импликации. Напротив, сметаме дека ќе донесе позитивен импакт, бидејќи ќе им овозможи на граѓаните, растоварени од притисокот да ги плаќаат каматите, да ја исплатат само главницата на долгот и тоа на повеќе рати – подвлече Заев.
Тој додаде дека ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнето плаќање, или неплаќање на долговите кон државните органи, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите и тука се опфатени пред сè најсиромашните граѓани.
Во однос на практичното спроведување на овие предложени законски можности, државните органи и јавните институции опфатени со овој закон и Управата за јавни приходи, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин во рок од 90 дена од денот на влегување во сила на овој закон.
Потоа, најдоцна во рок од 15 дена, да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, со јавна објава на официјалната веб страна на државните органи и јавните институции, преку електронските и печатените медиуми или друг начин, како, на пример, известување и опис на постапката преку сметките што ги добиваат граѓаните по пошта, објаснуваат од владата.
Како Влада, немаме право да им наложиме на приватните компании ваква законска обврска, но и во законското решение и од оваа прес-конференција, упатуваме порака да го следат овој пример на доброволна основа, и со тоа да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет на граѓаните и со тоа да покажат разбирање за причините поради кои тие задоцниле со плаќање на нивните обврски кон нив. Верувам дека тоа позитивно ќе се одрази и во нивните биланси, а ќе биде и во интерес на граѓаните – рече премиерот.
Тој додаде дека дел од мерките беше и временото неколкумесечно суспендирање на Законот за извршување и посочи дека извршителите мораа да запрат со преземање какви било извршни дејствија.
Од сличните мерки беше и одлуката за одложување на кредитите кај банките за 3 до шест месеци и тие тоа го прифатија – продолжи Заев подвлекувајќи дека Владата продолжува со грижа за граѓаните, за нивната социјална сигурност, како и за работата на компаниите, за платите на работниците и зачувување на работните места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.