Минатата година постигнавме рекорден број и вредност на странски инвестиции од самостојноста до сега, оваа година само две грчки инвестиции вредат 750 милиони евра, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.

Тој рече дека освен 17-те досегашни реализирани странски инвестиции во земјата за само 20 месеци, во последните денови на ратификацијата на договорот од Преспа во грчкиот парламент, шест компании од Грција донеле одлука да инвестираат во нашата земја.

Покрај грчките, имаме дозвола да го објавиме и името на една германска компанија. Тоа е компанијата ‘Герешајмер’, со инвестиција вредна 120 милиони евра и која за десеттина дена на прес-конференција ќе ја соопшти својата намера. Со ‘Малхотра’ од Индија се завршени формалностите – истакна премиерот Заев и додаде дека овие резултати се придобивка од решавањето на спорот со Грција, од нашите европски интеграции и од најавеното членство во НАТО, кои обезбедија сигурност и стабилност, од новиот Закон за привлекување странски инвестиции и посветеноста на економските тимови.

Премиерот нагласи дека странските инвестиции во земјата минатата година отворија 4.500 добро платени работни места и додаде дека интересот на странските компании да инвестираат, без ниту еден денар за рекламирање и промоција, пораснал благодарение на храбрите политики на Владата и на парламентот.

Во овој момент нашата земја блеска и е привлечна дестинација. Имаме одличен закон за привлекување странски инвестиции. Најавувам уште две грчки компании, од кои едната во областа на енергетиката. Вкупната инвестиција што ја најавуваат двете компании е вредна 750 милиони евра. Работиме на тоа да се реализираат зашто отвораат нови работни места, го јакнат бруто домашниот производ на државата, овозможуваат извоз, и на крајот на денот го јакната економскиот стандард на нашите граѓани – информираше претседателот на Владата на РСМ во Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.