„Развивме сериозен енергетски стратешки план и една од точките на Акција 21, како и во Интервентниот План за инвестиции 2021-2027 е енергетиката. Тоа го потврдуваат и резултатите, нашата земја е на врвот, меѓу шампионите во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мега-вати, што претставува раст од 10,1% и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто“, рече премиерот Заев на настан по повод означување на инвестицијата ветропарк Богословец.

Премиерот Заев изрази чест и задоволство што првиот парк на ветерници во земјата – Богословец станува реалност и рече дека проектот е исклучителен придонес кон пренасочување на националното производство на електрична енергија кон обновливи извори и надополнување на електричното производство приклучено на државниот оператор.

„Се работи за инвестиција вредна над 61 милион евра во општините Свети Николе и Штип. Ветропаркот Богословец со предвидените осум турбини и моќност од 36 мегавати ќе го удвои постојниот ветерен капацитет во земјата и ќе придонесе кон намалување на CO2 емисиите од над 87 илјади тони годишно“, рече премиерот Заев и подвлече дека важно за целиот инвестициски циклус е фактот што при изградбата се запазуваат еколошките стандарди и истовремено се поддржуваат општите цели на земјата за климатска транзиција и обновлива енергија.

 

„Современата инвестиција со имплементирање на најмодерна технологија, се очекува да заврши за две години. Тоа значи во наредните 25 години обезбедување стабилно снабдување со зелена и еколошка електрична енергија за околу 20 илјади домаќинства“, објасни премиерот Заев и изрази благодарност до поддржувачите и инвеститорите на проектот.

„Голема благодарност, покрај до инвеститорот „Тхор Импекс“, и до „Erste Group Bank“ која го обезбеди повластениот кредит заедно со комерцијалните банки „Шпаркасе“, „Комерцијална“ и „НЛБ“, а особено и до „Австриската банка“ за развој за финансирање на проектот“, партнери кои, како што рече премиерот, со изградбата на овој ветерен парк, придонесуваат кон заедничката цел за зачувување на животната средина и зголемување на процентот на обновливи извори на енергија согласно зацртаните цели во стратешките документи кои ги усвои Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.