Секојдневно расте бројот на незадоволни сектори од помошта што им ја нуди државата за надминување на корона-кризата. Деновиве излезе информација во јавноста каде туристичкиот сектор, кој е меѓу најпогодените од пандемијата, бара дополнителни мерки од Владата за да ја надмине кризата.

На средината на јуни месец Владата заедно со тогашната министерка за финансии, Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши ја промовираа мерката „Дома си е дома“, преку која се издадоа ваучери во вредност од 6.000 денари за домашен туризам на граѓаните со ниски приходи. Овие ваучери може да се искористат до 15 декември годинава.

Речиси една половина од туристичките ваучери кои беа дел од владината економска помош поради пандемијата, досега се искористени, покажуваат податоците од Министерството за економија. Граѓаните преку платформата на министерството подигнале 100.289 ваучери од кои само 42.992 се реализирани во туристичките капацитети. Тоа значи дека од речиси 10 милиони евра планирани за оваа цел, до денеска се реализирани вкупно 4,2 милиони евра, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Бектеши минатата недела во емисијата „Економски магазин“ рече дека од туристичките ваучери од мерката „Дома си е дома“ се искористени само 30%.

Голем дел на граѓани велат дека не ги искористиле ваучерите поради тоа што сега е период на пандемија и не практикуваат во вакви услови да патуваат.

Добив ваучер од оние што ги додели власта, но иако има уште еден месец до истекот на рокот на овој ваучер немам во план да го искористам. Период на пандемија е, секојдневно во државата има над 1.000 новозаразени од КОВИД-19 и период не е добро да се патува за ако сакаме да се заштитиме. Сметам дека оваа мерка на Владата требаше да се реализира на некој друг начин, вели граѓанин.

Поради тоа што и за оваа мерка се предвидоа 10 милиони евра, а се реализирани 4.2 милиони кај граѓаните се поставува и прашањето каде ќе заврши остатокот од планираните средства. Ова е само уште еден доказ дека мерката не ги дала позитивни резултати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.