Премиерот Заев смета дека граѓаните очекуваат администрацијата што ја плаќаат да работи поефикасно, а не помалку ефикасно. Тоа се, рече, и неговите очекувања.

Според него, треба да направиме дополнителна рационализација на администрацијата.

-Ги знаете моите ставови и за севкупната продуктивност на населението и севкупната продуктивност и ефикасност на администрацијата. Како народ, треба повеќе да работиме, не помалку. Но, како ветување предизборно на политичките партиципиенти во власта, тоа е ставено на ЕНЕР и допрва ќе се отвора дискусија за ова прашање. Верувам дека граѓаните ќе си кажат тоа што е реалноста во државата, а реалноста е дека сите ако сакаме швајцарски плати, треба да работиме многу повеќе – од таа продуктивност што денеска ја имаме, почнувајќи од себе, па секако, до сите работници во приватниот и во јавниот сектор. Вториот дел, ефикасноста на јавната администрација е нешто што е сериозен фокус и мора да биде фокус. Видовме дека целиот систем со 38 отсто на работа луѓе за време на брановите на пандемијата, функционираше. Тоа само по себе кажува дека постојните капацитети на администрацијата мора да бидат максимално искористени. Тоа е очекувањето на граѓаните, но кога имате нешто отворено на ЕНЕР, несоодветно е премиерот да каже кои се очекувањата на граѓаните, туку граѓаните да си ги кажат своите очекувања, истакна Заев.

Тој додаде и дека кога доаѓаат барањата од граѓаните впишани во одредени програми и мерки, должност и е на Владата да ги претстави пред народот и народот да се изјасни.

-Администрацијата во 2016 година беше 165.000, а сега е 132.000. Најголем дел од администрацијата е во јавните државни или комунални општински претпријатија, без полицијата во униформа, без здравствениот систем на доктори, медицински сестри, болничари и без армијата, некаде околу 15.000 луѓе работат во министерствата, работат многу во енергетските и железничките компании, во патишта и во другите јавни претпријатија, како и во водовод, чистота, во комуналните претпријатија. Треба да направиме дополнителна рационализација на администрацијата. Ние продолжуваме со тој дел, истакна премиерот и потсети дека Законот за фиксно пензионирање стапува во сила од 1 јули 2022 годима, а има за цел да постигне намалување на администрацијата за нешто повеќе од 10 проценти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.