На трибината организирана под мотото „Силна економија – шанса за сите“ претседателот на СДСМ и на Владата Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска пред охриѓани говореа за сработеното, но и за се она што централната власт планира да го сработи во периодот што претстои, пред се во областа на стопанството, перспективи, напредок, развој.

Kaко што соопшти Заев, Владата на Република Македонија има прогрес во преговорите со ЕВН и ЕЛЕМ за бришење на долгови за струја настанати до 2006 година за 200.000 граѓани и семејства кои се заглавени во лавиринт со проблеми од извршители и блокирани сметки.

Разгледавме ситуација за стари долгови за струја до 2006 година за 200.000 семејства и граѓани кои се заглавени во вакви лавиринти на извршители и блокирани сметки. Овие денови сме во длабоки преговори, волјата денеска можам слободно да ја соопштам, кога правно формално ќе го потпишеме договорот јавно ќе соопштиме. Но, волјата од Владата за преземање на своите дејствија е нотирана, и од ЕЛЕМ како партнер во производството на струјата е потврдена, и волјата на ЕВН како приватна компанија исто така е потврдена. Намерата е да избришеме долг на граѓаните од 110 милиони евра. Тоа се огромни пари и ќе биде големо олеснување за граѓаните. Сите мерки коишто ги спроведуваме се во насока на било кој начин да вбризгаме пари кај граѓаните, порача Заев.

Премиерот не објасни дали ова бришење на договите значи дека ЕВН и ЕЛЕМ целосно би ги простиле долговите или владата, поточно граѓаните, ќе ги исплатат и овие сметки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.