Треба да стимулираме пораст на платите, но тоа мора да оди заедно со подигнување на продуктивноста, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на ТВ 24.

За да бидеме поконкурентни на европските и светски пазари. Ако видите колкава е нашата продуктивност со другите земји, еве земјоделството ќе го земам за пример, југот на Италија, Шпанија, Турција каде што продаваме исти производи, вино, грозје, раноградинарски култури, тие имаат пониска цена на чинење. Го земав за пример, земјоделството, но така е во текстилот и другите дејности. Ние мора да работиме со работниците и работодавачите, кога одиме веќе на една таква државна стратегија, а ние ќе ја продолжиме како власт доколку добиеме доверба, само во консензус со нив, за да добијат дополнителна продуктивност и конкурентност на своето производство, а користа од зголемените приходи на граѓаните ќе биде и во зголемувањето на потрошувачката на домашни производи – рече Заев.

Тој рече дека владата на СДСМ ги покачала платите и воедно најави дополнително покачување во следниот мандат.

Во март имавме просечна плата од 27.206 денари. Ако можевме за 2 и пол години, не за 4, за 5.000 денари да ја покачиме платата, од 22.300 денари 2017 година пред да дојдеме на власт, до 27.206 денари март месец 2020, тоа се 5.000 денари без малку. За 4 години дополнителните 3.000 денари до 30.000 денари апсолутно се стигнуваат. Тоа е реализирано ветување затоа што за 2 и пол години е толку. Минималната плата е сама по себе доказ дека се остваруваат ветувањата, беше 9.000 денари, ја качивме на 12.000 денари, а потоа и на 14.500 денари. Опозицијата обвинуваше дека ќе се испуштаат работници и дека ќе се затвораат фабриките, но не тоа не се случи. Ние разговаравме со коморите, со фирмите, со бизнис секторот, работодавачите низ дијалог со нив ги покачивме платите – истакна Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.