Реални и одржливи економски перспективи, со повисоки плати, нови вработувања и инвестиции, најавуваат за годинава премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски.
Како што информираа на прес-конференција, годинава имаат намера да донесат одлука за ново зголемување на минималната плата, но се уште немаат конкретни рокови и бројки.
Според Заев, 2019 година треба да ја гледаме како година на остварување економски резултати и во која економијата ќе функционира за секого за што се поставени услови во изминатиот период
Буџетот за 2019 е дизајниран да ја одржи макроекономската стабилност и фискалната консолидација и е проектиран со очекуван раст од 3,2 проценти од Бруто домашниот производ. Фискалната политика на Владата за 2019 година е во функција да обезбедува раст на македонската економија, социјална сигурност и забрзување на пристапувањето во НАТО и интеграциите во ЕУ. Во 2019. ќе продолжи трендот на раст на платите и на вработувањата во приватниот сектор поддржан со владини мерки со што ќе се зголеми расположивиот доход во домаќинствата, рече Заев.
Ако се поситигне раст од 4 проценти во првиот квартал од годинава, посочи, може да се остварат проекциите за планираниот силен економски раст за целата година.
Премиерот потенцираше дека над 70 проценти од корисниците на социјална помош ќе добиваат надомест од по 11.090 денари за разлика од претходниот износ од 3.000 денари, и оти ќе продолжи поддршката на домашните и странските инвестиции. Во годината што измина беа стартувани 16 нови странски инвестиции, 250 домашни фирми добија поддршка од државата, а надвор од индустриските зони се отворени 20 нови фабрики.
Заев најави дека годинава следува сериозно придвижување на капиталните инвестиции, во што ќе предничи изградбата на железницата на Коридорот 8 откако изминатата година беа отстранети сите проблеми, ќе продолжи интензивната изградба на патиштата.
Оваа година ќе отвориме и доста инвестиции со јавни приватни партнерства и со концесии во повеќе области, како што се енергетиката, инфраструктурата, земјоделството…, рече Заев.
Според министерот Тевдовски, економијата во Македонија закрепнала, а приватниот сектор веќе е главен двигател на растот. Дефицитот на буџетот изнесува 1,8 проценти од БДП и како резултат на тоа јавниот долг е ставен под контрола и е намален на 48,2 проценти во третиот квартал годинава.
Силната стапка на раст на платите од 4,5 проценти очекуваме дека ќе продолжи и во 2019 година. Таа ќе се реализира и во приватниот и во јавниот скетор. Веќе е буџетиран раст на платите од 10 проценти на лекарите специјалисти и пет проценти на другиот медицински персонал почнувајќи од јануари. Исто така пет проценти на платите во градинките и училиштата и администрацијата со платата од септември годинава. Тоа ќе доведе до зголемена потрошувачка во еконмијата што ќе придонесе заживување на економската активност, рече министерот за финансии.
Дополнителен импут кон планираните инвестиции ќе има и забрзувањето на поголемите инфраструктурни проекти за што се надминати главните проблеми. Се очекува бруто инвестициите годинава да бидат повисоки за 4,2 проценти на реална основа, а во надворешната трговија да продолжат позитивните движења со очекуван реален раст на извозот на стоки и услуги од осум проценти при реален раст на увозот од 6,8 проценти. Очекувањата се реалниот економски раст да се забрза на 3,2 проценти, придружен со раст на вработеноста поттикнат со мерки за вработување во износ од 1,1 милијарда денари и поддршка на претпријатијата од 2,8 милијарди денари за инвестиции и отворање нови работни места.
Проекцијата за раст на бројот на вработени изнесува 2,1 процент и треба да придонесе стапката на невработеност да се намали под 20 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.