Премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, денеска го пуштија во употреба експресниот пат Штип-Радовиш, прва фаза, кој е комплетно завршен со должина од 23,56 километри од клучката Штип-југ до Бучим, а потоа и ја „сефтосаа“ оваа современа патна делница.
Изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш има исклучително влијание врз развојот на економијата во овие три региони Штип, Радовиш и Струмица и придонесува за рамномерниот регионален развој, побрз транспорт на стоки, на услуги како и на луѓе. Експресниот пат, Штип-Радовиш се надоврзува на автопатот Миладиновци-Штип и благодарение на тоа граѓаните на југоисточниот дел на нашата земја за многу пократко време ќе патуваат и пристигнуваат до главниот град, Скопје. Времето за патување возејќи прописно и безбедно – двојно се скратува, подвлече Заев.
Сакам да информирам дека интензивно работиме и на изградба на втората фаза од овој експресен пат делниците од клучка Три чешми до Штип-Југ како и делница од Бучим до Радовиш. Очекуваме оваа делница комплетно да биде завршена средината на следната година. Овој експресен пат е дел од државната А4 рута, започнувајќи од граничен премин Блаце, преку обиколницата Скопје и новиот автопат до Штип, и преку овој експресен пат се поврзуваме со соседна Бугарија. На тој начин добиваме брза патна врска по целиот Југоисточен регион. Оваа Влада докажа посебен фокус на рамномерниот развој на државата инвестирајќи во модерни и квалитетни проекти кои носат економски бенефит не само за граѓаните туку и за цела држава, рече Бочварски.
Директорот Рустеми рече дека вкупната проектирана, должина на комплетниот експресен пат А4 е 40,46 километри, а вкупната вредност е околу 60 милиони евра.
Со техничките квалитети на експресниот пат, со по една коловозна и помошна лента, и со ширина од 11,4 метри, тој претставува основа за можен иден автопат. Максималната брзина на движење на возилата е 110 километри на час. Оваа прва фазата од експресниот пат А4 во време на пандемија е комплетно завршена во предвидениот рок од 3 години. Изградена е согласно со важечките прописи и стандарди со издвоена вкупна вредност од 45 милиони евра. Заради подобро поврзување со блиските населени места на експресниот пат изведени се вкупно 40 објекти за премостување, односно 4 клучки согласно со највисоките стандарди, 7 надпатници и подпатници, 11 мостови и вијадукти, и сето ова за полесен пристап на граѓаните до и од експресниот пат. По целата должина на патот има заштитна жичена ограда за побезеден сообраќај“, рече Рустеми и додаде дека со спој на патниот правец А4 Штип–Радовиш со автопатот Миладиновци–Свети Николе–Штип се овозможува комуникација со регионите надвор од државава и пошироко.
Претставникот на Европската банка за Македонија, Андри Аранитаси, истакна дека проектот претставува постојан придонес на Банката во насока на подобрување на транспортната инфраструктура на земјата и ја потврдува нејзината посветеност на подобрување на транспортната инфраструктура.
Ова е еден од осумте проекти на Банката во секторот на македонските патишта. Банката е активна во овој сектор од 2001 година, поддржувајќи проекти од регионалните и локалните патишта, како и паневропските коридори 8 и 10, со вкупна поддршка од 425 милиони евра. Банката активно работи на обезбедување на финансиска поддршка на проекти за новите патишта, како Кичево-Букојчани, дел од Коридорот 8, и Скопје-Блаце, автопатот за поврзување со соседно Косово и за натамошната регионална интеграција на Западен Балкан. Ова ја потврдува нашата посветеност за помош на Владата, во насока на подобување на инфраструктурата во земјата во корист на граѓаните и го истакнува нашиот статус како најголем финансиски стратешки партнер во Македонија за инфраструктурните проекти, со над 1,2 милијарди евра, инвестирани во патишта, железница, општински и енергетски сектор. ЕБОР е голем пријател на земјата и нејзините граѓани, и ќе продолжиме да бидеме пријатели се до влегувањето на земјата во ЕУ и потоа!, рече Аранитаси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.