Премиерот Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, присуствуваа на настан по повод отворањето на 50 нови работни места како резултат на иницијативата на „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп“ (ФМТКП) за реалокација на центарот за корисничка поддршка од Атина во Скопје. Центарот почна со работа во Скопје и оттука ќе се води грижа за корисниците на новите иновативни производи на компанијата во Македонија, но и на четири други земји во регионот, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Филијалата на контакт центарот за корисничка поддршка во Скопје е дел од светскиот гигант „Телеперформанс“ кој има преку 380 илјади вработени ширум светот, кои покриваат 83 земји.

Ги повикувам и охрабрувам компаниите да продолжат да инвестираат, а ние како Влада ќе останеме посветени кон развојот на бизнис климата во земјата. Глобалните компании како „Филип Морис Интернешнл “ вложуваат во иновации и развој, отвораат нови можности за младите да работат во средина карактеристична за големите светски реномирани компании. Тоа значи и можност за професионален напредок по меѓународни стандарди. Денешната инвестиција на компанијата овозможи 50 млади луѓе да ја почнат својата кариера во меѓународна компанија каде младите ќе имаат можност за професионален напредок по меѓународни стандарди. Задржување на младите во земјава и развојот на компаниите во Македонија е императив за економските политики кои ги спроведуваме. Вложуваме многу во овој сегмент и посебно сме горди кога сме на ваков настан да ги слушнеме резултатите, успесите и плановите за развој на приватниот сектор – изјави Заев.

Иван Костиќ, генерален директор на ФМТКП истакна дека „Филип Морис Интернешнл “ влезе на македонскиот пазар во 2014 година преку стратешко партнерство со „Тутунски Комбинат Прилеп“.

Заедно поставивме нови стандарди и успеавме да ја трансформираме тутунската индустрија во земјата. Од една страна „Тутунски Комбинат Прилеп“ постигнува одлични резултати што се однесува до производството на цигари, а од друга страна „Филип Морис“ во Македонија го комерцијализираше IQOS, иновативен уред кој го загрева, но не го согорува тутунот, а кој има потенцијал да ја трансформира целата тутунска индустрија и да обезбеди иднина без тутунски чад. Од таа причина, ми претставува голема чест и задоволство што сме денеска заедно на претставувањето на иницијативата на „Филип Морис“ за реалокација на регионалниот центар за корисничка поддршка на корисниците на IQOS од Атина во Скопје – истакна Костиќ.

За значењето на инвестицијата зборуваше и Миxел Шмит, главен извршен директор на „Телеперформанс“ Германија задолжен за македонската филијала кој во своето обраќање наведе дека од 2020 година, Македонија стана 77. земја во која отвориле свое претставништво.

Станува збор за ултра модерен центар за корисничка поддршка во Скопје во кој отворивме 300 работни места, за денес истата бројка да се прошири со дополнителни 50 нови вработени преку реалокација на центарот за грижа на корисници на „Филип Морис“ од „Телеперформанс“ Атина во Скопје.

 

Ги поддржуваме младите кои сакаат да работат во интернационална компанија во која ќе бидат инспирирани да учат, да растат и се развиваат. Нудиме одлични можности за работа, атрактивна плата и пријатна работна атмосфера со цел младите да останат да работат во државата. Просечната возраст на нашите вработени е 28 години од кои 50% се жени, додека просечната плата е околу 700 евра што е над просечната плата во земјата – изјави Шмит.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.