Должност на Владата е грижата за земјоделците и нивните семејства, бидејќи земјоделството е еден од носечките столбови на македонската економија, рече премиерот Зоран Заев кој денеска присуствуваше на традиционалната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.

Заев во присуство на градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, и бројни гости од државата и странство, најпрво ја проследија традиционалната манифестација на жнеење на оризот, а потоа и саемот на традиционална храна и културно-уметничката манифестација по повод настанот.

Како спој на традицијата и современиот уметнички израз и приказ на патот на оризот од нива до трпеза, оваа манифестација ја чува традицијата во оризопроизводството. Духовното и материјалното културно наследство се пренесува преку песната, орото, народните обичаи, традиционалната кујна, изложувањето на старовремски предмети и алатки за обработка на ориз.

Во своето обраќање Заев истакна дека со последните измени во ребалансот на Буџетот, вкупната поддршка за земјоделците достигна близу седум милијарди денари.

Само за оризот, со ребалансот на Буџетот се обезбедени 50 милиони денари за дополнителната субвенција од 5 денари за килограм произведена и предадена оризова арпа кај регистрирани откупувачи до 25 декември 2018. Тоа е само еден дел од мерките кои оваа Влада ги применува како врвна грижа за земјоделците и за граѓаните што живеат од оваа дејност. Во 2019 година висината на субвенцијата по хектар за обработлива земјоделска површина со сертифициран семенски материјал, изнесува 25.000 денари, за разлика од лани кога таа изнесуваше 12.000 денари. Тоа е зголемување на повеќе од 100 проценти“, додаде Заев.

Претседателот на Владата во комуникација со насобраните граѓани рече дека нагласи дека владата става посебен акцент на развојните мерки и проекти во земјоделството, како и на нови инвестиции кои ќе придонесат кон забрзан раст на оваа стратешка економска гранка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.