Невладината организација „Билка“ се противи на законските измени со кои се воведуваат нови построги услови за одгледувачи на марихуана со цел никој друг да не може лесно да влезе во доходовните трговии. Адвокатот Јанаки Митровски смета дека сега медицинскиот канабис се користи за богатење на пријателите на власта.
Откако братучедите и пријателите на премиерот си го купија пола бизнис дојде време потполно да го монополизираат.
Си подговија нацрт закон со кој наместо првичните 4 се бараат 15 вработени, се дозволува извоз на цвет за да се дополнат со пари, се предвидува да правните лица плаќаат, мимо даноци и 10% од профитот а кои пари не е наведено како ке се трошат, се бара банкарска гаранција од милион евра небаре е казино, се бара од постоечките правни лица во рок од шест месеци да ги исполнат новите услови што за најголем дел од нив ќе значи катанец на врата.
Ова се официјалните забелешки на НВО БИЛКА со законските измени со кои НЕ СЕ СОГЛАСУВАМЕ. До кога медицинскиот канабис ќе се користи само како средство за богатење на пријателите на власта, додека за 6 грама канабис жестоко се гони? Зашто БИЛКА не евклучена во овој процес? Одговорот е јасен!!!!!”, пишува Митровски.
Предходно невладината организација Билка детално ги објасни сите нерегуларности во овој бизнис тежок десетици милиони евра:
Од страна на извршната власт, без консултација со невладин сектор и активисти, без инкорпорирање на Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА, е изготвен исклучително лош нацрт Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци кој доколку се усвои, во пракса ќе значи дополнително монополизирање на медицинскиот канабис како и можност за занимавање со овој бизнис само за шака привилегирани. Ова се официјалните забелешки на НВО БИЛКА на нацрт законот:
– Со овие измени се основа посебна Агенција која ќе се нарекува Агенција за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели. Но и покрај тоа останува да постои меѓуресорската комисија што сметаме дека е непотребно. Основање на Агенција беше и предлог на БИЛКА при состаноци со политички фактори и функционери во смисла тоа да биде едно место каде може да се добијат релевантни информации. Со постоење на два органи непотребно се прават и трошоци и сметаме дека може да дојде до конфилкт на овластувањата.
– Законот е порестриктивен од претходниот. Недопустиво е условите за одгледување афион да се полабави од оние за канабис. Конкретно за одгледување афион доволно е правното лице да вработува ЕДЕН вработен, а за канабис ПЕТНАЕСЕТ
– Овој закон воопшто не прави дистинкиција меѓу канабис богат со THC и канабис богат со CBD. Кога е ноторен фактот дека CBD-то е безопасно по здравјето на човекот(што е и официјален став на Светска Здравствена Организација), зашто не се дозволува слободна продажба на CBD канабис и производи од истиот?
– Сметаме дека овие законски измени ги фаворизираат исклучиво големите играчи, наспроти заложбите на БИЛКА да вклучи поголем број граѓани кои би имале бенефит од бизнисот. Од претходно предвидени четири сега законот предвидува минимум петнаесет вработени, што ги квадриплира трошоците. Зашто во старт државата ги сузбива микро и малите бизниси и кому тоа служи?
– Во делот на надлежностите на Агенцијата се и да “посредува во обезбедување со канабис за медицински и за научни цели, на установите од областа на образованието и науката (универзитети, факултети, институти и други), лабораториите, правните лица кои вршат промет со лекови на големо и мало (аптеки и веледрогерии), здравствените установи и ветеринарните установи, за нивни соодветни потреби,” Нејасно е која е потребата во еден слободен пазар државна агенција да има вакви ингеренции, сем ако интенцијата не е монополизација на пазарот преку ваков тип на надлежности.
– Како услови за добивање на лиценца се да правното лице изјави дека ќе уплаќа 10% од добивката во буџет кои ќе се користат по дополнително донесена програма. Ова е оригинална идеа на БИЛКА која екстремно лошо се спроведува. Нашите совети беа да правните лица бидат задолжени со 10% во форма на екстракт или цвет за болни кои се финансиски немоќни, а за возврат тие правни лица да добиваат одредени повластувања во висина на донираното. Вака поставениот норматив има повеќе цел да ги набрка потенцијалните инвеститори одколку да ги привлече. Врз основа на што да плаќаат уште десет проценти откако ќе платат данок? Дополнително не е јасна законската одредба за што ќе се користат тие средства?! За патни трошоци на пратеници?
– За лиценца се бара банкарска гаранција од ЕДЕН МИЛИОН евра. Ваквиот услов ќе предизвика да никој не дојде повеќе да отвори фирма за канабис во Македонија. Која е логиката да се бара екстремно висока гаранција и за што? Таков тип на гаранција обично се бара за банки, осигурителни компании, кладилници и оние правни лица кои евентуално ќе треба да исплаќаат одредени големи исплати како настанат осигурен случај, камати или добивки. Која е целта на барање на ваква исклучително висока гаранција сем да се сузбие конкуренцијата?
– И понатаму се инсистира на затворен простор со што не се согласуваме, во услови кога сме погодно поднебје за одгледување канабис.
– Законот третира само семе од канабис, а голем дел од производителите не користат семе туку т.н. процес на клонирање и предлагаме во овој дел законот да се доработи.
– Во делот на индустриски коноп се инсистира да се поседуваат договори за откуп за да се добие лиценца што е нон сенс и нема бизнис логика, кој ќе го купи конопот уште непроизведен, без да може да се увери во квалитет и слично?
– И понатаму се форсира исклучиво јавното здравство односно и понатаму само доктори од јавното здравство може да препишуваат лекови од канабис во услови кога кај нас јавното и приватното здравство се изедначени. Парадоксално во Македонија лекар од ПЗУ може да ви прави операција на отворено срце но не и да препише масло од канабис?
– И понатаму не постои регулација на CBD производи и нивен увоз
– Се дозволува извоз на цвет од канабис. Навидум добра идеја, која е повторно во функција исклучиво на големиот бизнис
– Се бара да постоечките правни лица во рок од шест месеци од влегувањето на сила на овој закон да ги исполнат изменетите услови предвидени со новиот нацрт закон. Оваа одредба ќе ги затвори речиси сите од постоечките правни лица, а веројатно тоа е и интенцијата. Воедно претставува своевидна измама бидејки ги квадриплира трошоците за вработени, зема дополнителни десет проценти од добивката и бара милион евра банкарска гаранција, услови кои не постоеле кога овие прравни лица решиле да инвестираат тука.
– Крајно, овие измени се подготвувани тајно без учество на јавноста. Зашто НВО БИЛКА не е консултирана?!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.