Индивидуалните земјоделци (земјоделки) не се на товар на Буџетот, сами плаќаат пензиско и здравствено осигурување, произведуваат храна за сите нас, а не можат да пристапат до ниту едно право согласно законите за работни односи. Немаат платено боледување и платено породилно отсуство, ниту имаат право на годишен одмор. Ова се само некои од укажувањата на Локалната акциска група (ЛАГ) Агро Лидер и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) кои јавно го отворија прашањето –  „колку се земјоделците изгубени во лавиринтите на законските регулативи?“.

Граѓанскиот сектор покрена иницијатива за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување со кои ќе се елиминира ваквиот нееднаков третман кон регистрираните земјоделки и земјоделци. За земјоделките конкретно, предлага 9 или 15 месеци породилно отсуство и надомест во висина на минималната плата.

Општина Кочани објави повик за обука на жени земјоделки за брендирање, пакување и продажба на земјоделски производи, што ќе се реализира во рамки на серијата тематски обуки за економско јакне

-Постојано сме на терен. Кога ќе ги прашаме земјоделките што би сакале да имаат, речиси сите велат – време за своите деца. Жените земјоделки работат 11 до 16 часа дневно, а многу им е тешко да пристапат и до правото од социјална заштита. Немаат платено боледување, ниту платено породилно отсуство. Ова е системска дискриминација. Минимум што може да направи државава за нив, е да им обезбеди платено породилно отсуство во висина на минимална плата, вели Марина Тошеска од ЛАГ Агро Лидер.

Таа, како пример, споделува и лична приказна на жена земјоделец во земјава.

-Мајка сум на три деца, преживеав два спонтани абортуса, земјоделските активности ни се единствен приход. Регистрирана сум како индивидуален земјоделец и редовно плаќам осигурување, но немам користено никакви бенефиции од државата како што користат работнички од другите дејности. Поради физичка активност, се породив во 34-тата недела од бременоста. Со оглед дека бебето беше предвреме родено, му требаше дополнителна грижа, а тоа оневозможи да ги завршам земјоделските активности. Го изгубивме речиси целиот приход од земјоделската дејност и останавме без финансии кои ни беа повеќе од потребни за преглед на детето, за прихрана и лекови, посочува Тошеска, раскажувајќи ја приказната на земјоделката.

Ова, напоменува Тошеска, се само дел од директните последици од третманот на земјоделците.

-Се работи за дискриминација и неправо врз жените земјоделци, а индиректните последици допрва и се уште ќе ги мериме, истакнува Тошеска.

КСЗД веќе донесе мислење, според кое, кај земјоделките се утврдува индиректна, продолжена дискриминација врз основа на пол, род, личен статус (земјоделки со потекло од рурални средини) и припадност на маргинализирана група во остварување на правото од здравствено осигурување.

-Со истото мислење се утврдува и индиректна, продолжена  дискриминација кон индивидуалните земјоделки и земјоделци во остварување на правото на платено боледување. Законот за здравствено осигурување ги предвидува индивидуалните земјоделци/земјоделки како задолжителни здравствени осигуреници. Тие ги остваруваат правата на основни здравствени услуги, но не и правата на надоместоци на еднаква основа со останатите осигуреници. Ова произлегува од самиот Закон и токму преку исклучување на индивидуалните земјоделци од правата на надоместоците како навидум неутрален пропис – Законот продуцира дискриминација, нагласува Анастасија Муратовска од КСЗД.

Според неа, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, ова се потешки облици на дискриминација.

-Во произнесувањето на Министерството за здравство како матичен орган на Законот, главните тврдења беа дека овие права се утврдуваат во прописите од областа на трудот, а Законот за здравствено осигурување единствено го уредува начинот на нивното остварување. Тоа би значело дека Законот за работните односи не ги препознава индивидуалните земјоделци како работници и од таа причина тие не ги остваруваат правата за платено породилно и платено боледување, објаснува Муратовска.

Во 2022 година се евидентирани 1 075 жени со статус индивидуален земјоделец. Сите тие не можат да пристапат до правото на платено породилно отсуство.

null

-Ова е премала бројка, знаеме дека имаме многу повеќе. Значи, имаме законско решение кое не ги мотивира земјоделките да се регистрираат и како такви, тие претставуваат неактивно население. Според членот 42 од Уставот, државата посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Дали земјоделците и земјоделките се сметаат за помалку важна категорија во општеството која овие права за разлика од сите останати, не може да ги ужива?, укажува Драгана Дрндаревска од Коалицијата Маргини.

КСЗД му препорача на Министерството за здравство да изготви и иницира соодветни измени и дополнувања на Законот, а ако тоа не го стори во предвидениот рок, против него ќе биде поднесено барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

Владата, во меѓувреме, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, донесе т.н. Програма за мајчинство како поддршка за жените земјоделки. Ова, според МЗШВ, е преодно решение, додека проблематиката не се уреди системски. Предвидува 81 000 денари еднократен надомест за деветмесечно породилно отсуство, а услов е жената земјоделка да има непрекинат статус на осигуреник 12 месеци пред раѓањето на детето, како и семејното земјоделско стопанство во чии рамки живее, да остварило најмалку 300 000 денари приход од вршење земјоделска дејност.

-Сите ние треба да бидеме шест месеци осигурани за да стекнеме право на платено породилно отсуство, а за земјоделките е предвидено 12 месеци. Дискутабилен е и условот тие да реализираат приход за да го остварат правото на породилно отсуство. Тоа значително го стеснува обемот на жените кои ќе може да го остварат ова право зашто приходите од земјоделската дејност се многу несигурни, истакнува Дрндаревска.

И според КСЗД, владиното решение не е одржливо.

 -Програмата е временски и финансиски ограничена со што се продолжува неизвесноста во остварувањето на платеното породилно отсуство кај жените земјоделки. Воедно, се создава правна несигурност. Дури и со постоењето на оваа Програма, Законот и натаму би продуцирал дискриминација, оценува Муратовска.

Земји од регионот, како Хрватска, го имаат регулирано породилното отсуство на земјоделките. Бугарија се издвојува како држава која обезбедува најдобри бенефиции во однос на породилното осигурување за земјоделките. Таму породилното отсуство трае 410 дена. Регистрираните земјоделци, тутунопроизводителите, дури и брачните другари на регистрираните земјоделци и тутунопроизводители, имаат право на платено родителско отсуство. И Грција и други земји, исто така успеале да ги стават земјоделците во законската рамка за да им биде овозможен платен надоместок за мајчинство и грижа на дете.

Мирјана Чакарова/MИA

Фото: МИА Архива



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.