Денешната минимална плата без усогласувањето е 14.924 денари што значи дека Владата предводена од СДСМ од 2017 година ја зголеми минималната плата за цели шест илјади денари, порача министерската за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

До 2017 година, како што рече во одговор на прашање по посетата на градинката „Росица“, клон „Детелинка“ во Општина Ѓорче Петров, работниците од кожарската, текстилната и индустријата за обувки не беа изедначени со минимална плата и нивната плата беше 8.990 денари.

Почитувањето на работничките права и заштитата  на секое работно место се приоритет на Министерството за труд и социјална политика и на Владата во услови на пандемија кога грижата за секој работник е високо на агендата. Секако дека ќе заврши процесот на усогласување на минималната плата. Вчера веќе имавме седница на Економско социјалниот совет, а во текот на следната недела  ќе закажеме нова седница и ќе го испочитуваме законот и минималната плата ќе биде усогласена, рече Шахпаска.

Согласно Законот за минимална плата од 2017 година, како што посочи, усогласувањето на минималната плата се врши секоја година  во март врз основа на три критериуми. Тоа е една третина од порастот на просечната плата за минатата година, една третина од растот на трошоците и една третина од растот на Бруто домашниот производ (БДП).

Таа нагласи дека во текот на минатата година просечната плата пораснала за 8,8 проценти и додаде дека СДСМ во изминатиот период докажа дека доследно ги спроведува зацртаните политики и законски обврски.

Синдикатите бараат минималната плата да биде повисока од 16.000 денари, а денеска Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) побара при нејзиното утврдување да се иззема БДП.

Минималната плата ќе продолжи да расте, обвинувањата на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) се несериозни и неосновани, а барањата на претседателот на КСС, Благоја Ралповски да постапуваме спротивно на Законот за минимална плата се неприфатливи. Институциите се должни да го почитуваат и доследно да го спроведуваат Законот, зашто само на тој начин граѓаните и работниците ќе бидат заштитени и нема да се соочуваат со неизвесност, е реакцијата на Владата и Министерството за труд и социјална политика по денешната прес-конференција на Конфедерацијата, која изнесе барање минималната плата да биде над 16.000 денари и при нејзиното утврдување да биде изземен БДП.

За жал КСС, во услови кога во Економско-социјалниот совет сé уште не е затворено прашањето за покачување на минималната плата, ја манипулира јавноста и ја злоупотребува можноста што им е дадена да присуствуваат на тие состаноци, се вели во реакцијата.

Се додава и дека главен приоритет на Владата и на Министерството за труд е заштита и унапредување на правата на работниците, но и на соодветен надомест за вложениот труд.

Токму затоа од 2017 година минималната плата е покачена за шест илјади денари и ќе продолжи да расте во согласност со Законот за минимална плата. Со цел да овозможиме широк и сеопфатен дијалог, Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика даваат можност на сите чинители да дадат свој придонес во дебатата за економско-социјалните прашања. КСС, иако нема утврдена репрезентативност, е дел од дијалогот што се води на Економско-социјалниот совет, но можноста за гласање ја имаат само репрезентативните претставници на работниците и на работодавачите, наведува владината прес-служба.

Во однос на колективното преговарање, Владата појаснува деја тоа е процес што се одвива помеѓу социјалните партнери потписници на колективниот договор.

Владата секогаш дава поддршка и го охрабрува колективното договарање меѓу работодавачите и работниците, но нема законски ингеренции да влијае на тој процес, се посочува во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.