Додека власта на Заев се занимава со театри, животниот стандард на граѓаните тоне, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека цените на производите во продавниците поскапуваат, а власта на СДСМ и ДУИ тврди дека нема значително поскапување.

Тоа е резултатот од оваа однародена власт. За нив поскапувањето е незначително, а во реалноста цените на мало пораснале за 6,2 проценти во споредба со ноември минатата година. Власта требаше да превзема мерки уште кога почна да се отвора инфлаторната спирала, а секое задоцнување на мерките граѓаните ќе го чувствуваат по својот џеб. Поскапен е лебот, житото, млекото и млечните производи, месото, маслото, овошјето, зеленчукот, кондиторските производи, буквално се што е потребно за животот на едно просечно семејство. Во продавница веќе 1000 денари не стасуваат основните дневни намирници да се испазарат за едно семејство, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Над 600 илјади лица живеат во сиромаштија, а таа бројка за жал, велат од опозициската партија, ќе се зголемува поради неспособноста и неодговорноста на власта на СДСМ и ДУИ.

Тие се посветени на криминалот и корупцијата кои одат рака под рака со осиромашувањето на граѓаните. Македонија е земјата која најтешко ја чувствува секоја криза, затоа што мафијата на власт наместо интересот на народот, се води од мотивот за лично богатење. 
Заев и Заевизмот се изворот на кризите во Македонија. Економската криза, сиромаштијата и стравичната инфлација се резултат на нив и тие не може да бидат решение за оваа криза. Решението се брзи предвремени парламентарни избори и конечно заминување на Заев и заевизмот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.