Германија, Шведска, Белгија, Швајцарија не се единствените ветени земји за младите од Македонија. Македоноската младина може да си ја побара среќата и да ја најде и во добар дел од земјите од Африка.

Според истражување што го објавува престижниот „Економист“, во 2018 година невработеноста меѓу младите од 15 до 24 години била највисока во Јужна Африка и изнесувала 52.9%, веднаш зад неа е Босна и Херцеговина со 46.7% и Македонија со 44.7%.

Под нас на листата се змји од третиот свет или пак од Азија, во кои со децении се војува: Намибија, Свазиленд, Западниот Брег и Газа, Либија, Боцвана….

Од регионот, само Босна и Херцеговина е полоша од Македонија, а пред нас е Грција со 39.5%, Србија со 32.1%, Албанија со 31.00%, Црна Гора 29.1%, Хрватска 25.2%. Меѓу 40-те најлоши ги нема Бугарија и Словенија.

Од Гаранција за млади добивме билети во еден правец

Во 2016 година, во предизборната кампања на СДСМ можевме да слушнеме дека младите во Република Македонија најсилно ги почувствувале погубните политики на актуелната власт.

Три години подоцна можеме да се сложиме со СДСМ и да го констатираме истото.

Иако нудеше План за живот на младите во Македонија, СДСМ им подели билети во еден правец на 1200 млади лекари, илјадници информатичари, односно на секој трети образован млад човек во земјава.

Загрижувачки е што голем процент од невработените млади луѓе во државата се невработени повеќе од една година, што дополнително ги намалува шансите за нивно вработување.

Низа истражувања на домашни или меѓународни институции ги отсликуваат состојбите во Македонија. Според истражување на германската фондација „Фридрих Еберт“ повеќе од две третини од испитаниците млади имаат желба да ја напуштат државата. Половина од нив преземаат конкретни мерки, а другата половина засега само сака да се пресели во западните земји.

Податоците од студијата се направени во 2018 и 2019 на повеќе од 10.000 испитаници на возраст помеѓу 14 и 29 години во 10 држави од Југоисточна Европа. За повеќето млади луѓе (48,3%), главна причина за иселување е подобрување на животниот стандард. Младите се најсензитивни на корупцијата, социјалната неправда, сиромаштијата, невработеноста. Најпосакувана дестинација им е Германија, а веднаш по неа Швајцарија.

Денеска не може да се слушне ниту збор за помпезно најавуваниот проект „Гаранција за млади“, со кој секој млад човек требаше да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да добие пракса или тренинг за подготовка за вработување, во период од 4 месеци по завршување на школувањето, пред стекнувањето статус на невработен.

И по две и пол години на власт, СДСМ не обезбеди финансиски средства проектите кои ја зголемуваат свесноста на младите за недостаток од одредени занимања и квалификации и за нивната важност.

„Ќе отвориме бизнис-центри за вработување на младите. Ќе се врши избор на најдобри бизнис-планови на млади лица што ќе добиваат грант од 10.000 евра, како и поддршка во бизнис-центар. Во бизнис центрите ќе се добива правна, економска, претприемничка, сметководствена подршка, како и простории со опрема за канцелариско функционирање, со цел да се зголемат можностите за успех и развој на бизнисот на младите.“ Од сето ова ветено, сведоци сме дека се поделија илјадници евра грантови од Фондот за иновации на партиски снаи, партиски послушници, на братот на Сашо Орданоски, на фирмите на Анѓушев….

Во центарот на образованието ќе бидат младите. Обврска на наставниците ќе биде посветено да работат со младите на развивање на нивните таленти, затоа наставниците ќе бидат ослободени од електронските и административни обврски.

Денеска, во центарот на образованието имаме афери во наставнички порно-актерки, насилство меѓу децата, нефункционален закон за образование.

Ќе воведеме нов начин на подготовка на младите за запишување во средното и во високото образование. Ќе воведеме посебна студентска платежна картичка за користење на услугите во студентските кампуси, попусти за користење на меѓуградскиот превоз, попусти при посета на сите државни и национални институции, попусти за посета на спортски и културни настани од национален карактер. 

И ова ветување е уште едно неисполнето ЌЕ за младите.

Ќе воведеме нова политика за стипендирање на студентите преку комбинација на државни стипендии и поттикнување на фискални олеснувања за фирмите кои ќе одвојуваат процент од добивката за стипендирање.

Од „новата политика за стипендирање на студентите“ фајде виде само ќерката на министерот за надворешни работи Никола Димитров, Јана Димитрова.

Силни на збор, мизерни на дело

Имаме план заедно со студентите да создадеме неопходни услови за департизација и плурализам во студентското организирање што ќе овозможи суштинско учество на студентите во телата на управување на универзитетите и нивно влијание врз прашањата од нивен интерес.

Имаме план како средношколците да стекнат повеќе вештини и знаења на практичен начин преку вонучилишни активности.

Планираме секоја година да организираме средношколска олимпијада, по теркот на младинските студентски игри.

Ќе формираме патувачки, младински театар, составен од млади и студенти, а финансиран со средства од буџетот.

Ќе стимулираме инвестирање на македонските фирми во младински спортски школи, преку даночно ослободување.

 

Ова е план, за добар и достоинствен живот во Македонија, за сите. За младите да останат во Македонија!, гласеше слоганот на СДСМ во предизборната кампања во 2016 година, а денес, три години подоцна, за младите во Македонија перспектива е и Африка. Толку од планот…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.