Царинската управа во врска со низата информации околу увозот и контрола на нафтени деривати го доставува следново известување, кое содржи повеќе информации:

Информација 1: Начин на распоредување на стоките

Во царинското работење распоредувањето на стоките, односно нивно тарифирање во номенклатурата на царинската тарифа се врши согласно Законот за царинска тарифа. Овој закон претставува клучен закон, каде се содржани тарифните ознаки и царинските стапки што се применуваат при наплата на царинските давачки.

Распоредувањето, односно класифицирањето на стоките во соодветен тарифен број, се врши според описот на тарифните броеви, основните правила 1 и 6 за примена на Царинската тарифа, како и забелешките за распоредување на стоките кон Одделите, Главите и тарифните броеви.

Основна функција при царинењето на стоките е утврдување на точниот тарфен број каде треба да се распореди стоката, со цел правилно да се наплати царина, ДДВ и акциза при пуштањето на стоките во слободен промет. Така при секое поднесување на царинската декларација, царинските службеници треба:

  • Да ја идентификуваат стоката
  • Да спроведат документарна контрола, односно да проверат дали декларираниот опис на стоката во царинската декларација е идентичен со декларираниот опис на стоката во фактурата за увоз и
  • Во одредени случаи да проверат и физички дали станува збор за тој вид на стока.

При приемот на царинските декларации во процесот на документарна и физичка контрола, потребно е правилно да се утврди и царинската вредност, со цел правилна наплата на царинските давачки, ДДВ и акциза, да се утврди потеклото на стоките, односно да се утврди дали стоките се со преференцијално или непреференцијално потекло.

На крај, во процесот на царинење на стоките, потребно е да се спроведат и сите мерки на трговски политика, тнр. нетарифни мерки, односно, да се утврди дали за одреден вид на стока постои некој вид забрана, ограничување или дали е потребно да се приложи одреден цертификат, со цел заштита на здравјето на населенито и на општеството.

Информација 2: Мерки на трговска политика

Царинската управа на Република Македонија ја известува јавноста дека постојат два вида мерки на трговска политика:

  • Мерки што се применуваа при внесување на стоката во царинското подрачје на Република Македонијаи
  • Втор вид на мерки што се применуваат при пуштање на стоката во слободен промет, што вообичаено се нарекува увоз.

 

Информација 3: Увозот на мазут и ингеренциите на Царинската управа

Во врска со низата вести и информации што изминативе денови се објавуваат во разни медиуми, а во интерес на објективно и професионално информирање на граѓаните околу увозот на т.н. отровни масла, го доставуваме следното објаснување.

Во царинската тарифа, постојат различни видови на нафтени деривати, т.н. лесни, средни и тешки масла, односно масла за ложење кои уште се нарекуваат мазути. Во процесот на царинење на мазутот, основна функција на Царината е да утврди првенствено дали декларираниот мазут, навистина претставува мазут, или пак претставува некој друг вид на масло за горење. Ова е од исклучителна важност, бидејќи во секојдневната пракса, низа увозници сакаат да ги декларираат нивните производи како мазут, наместо како дизел горива, со цел да платат помала акциза, бидејќи мазутот има пониска акциза во однос на другите нафтени деривати. Од тој аспект, првенствена контрола на Царинската управа е контрола на фискалниот аспект на нафтените деривати, односно правилна наплата на царинските давачки, ДДВ и акцизата, како и правилно утврдување на царинската вредност.

Во периодот 2018-2020, Царината има откриено низа обиди за погрешно и неправилно пријавување на стоките, со цел плаќање на помали увозни давачки. Кај сите увозници се извршени дополнителни наплати и прибрани значителни финансиски средства.

Во оваа постапка, Царината ги користи и услугите на сопствената царинска лабораторија, чија основна функција е анализа на фискалните параметри на нафтените деривати, со цел правилно полнење на буџетот на државата. Овој вид на контрола е исто така, во согласност со препораките на Европската унија за спроведување на царинските контроли, што се дефинирани во Поглавје 29.

Во однос на спроведувањето на мерките на трговската политика (дозволи, забрани и ограничувања) што се применуваат при внесување на мазут во царинското подрачје на Република Македонија, предвидено е доколку мазутот содржи сулфур над 1% да не смее физички да влезе на територијата на државата. Од тие причини, Царината преку царинската лабораторија врши задолжителна контрола единствено на содржината на сулфурот. Доколку мазутот содржи поголема количина на сулфур од дозволеното, тој физички не смее да влезе во државата. Оваа одредба е содржана во Одлуката за распоредување на стоките на форми на увоз и извоз, каде е предвиден режимот на забрана.

Во однос на останатите мерки на трговска политика што се применуваат при пуштање на стоката во слободен промет (тнр. увоз), за мазутот се предвидени одредни карактеристики за квалитет што се предвидени во Правилникот за квалитет на нафтени деривати. Како и кај сите останати видови на стоки за кои се предвидени различни стандарди за квалитет, за квалитетот на мазутот, надлежни институции за спроведување на контролата се Министерството за економија- Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина.

Овие стандарди за квалитет се однесуваат на пуштање на стоката во слободен промет на внатрешниот пазар, и од логична причина што на пазарот на Република Македонија се појавуваат и нафтени деривати што се произведени од домашни производители.

На ист начин е регулирана и потребата за добивање на лиценца, која како документ е задолжителна за пуштање на стока во внатрешниот промет.

Царинската управа на Република Македонија уште еднаш нагласува дека согласно националното законодавство и европското законодавство, особено одредбите од Поглавје 1 – слободно движење на стоки и Поглавје 29 – царинска унија, потребно е јавноста да биде објективно запознаена и информирана за мерките на трговска политика што се применуваат при внес во царинското подрачје и мерките на трговска политика што се применуваат при пуштање во слободен промет, односно внатрешен промет, со цел вистинско осознавање на потребата за контрола на квалитет на мазутот, заштита на здравјето на граѓањето и обезбедување на услови за фер конкуренција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.