Собранието ги донесе измените на Законот за додадена вредност. Со ова, даночната стапка за прометот на електричната енергија кон домаќинствата се намалува од 18 на пет проценти. Намалената стапка согласно законското решение ќе се применува со денот на влегување во сила на Законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност се до 30 јуни 2022 година.
По овој датум во наредната година, односно од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година ќе се применува повластена даночна стапка од 10 проценти за прометот на електричната енергија кон домаќинствата.
Во попладневниот дел од расправата пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски рече дека намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 5 проценти треба важи за сите. И за граѓаните, и за домаќинствата, но да важи i за индустријата.
Суштина на првиот амандман на ВМРО-ДПМНЕ беше стапката за намалување на ДДВ за електрична енергија од 5 проценти да важи за сите. И за граѓаните, и за домаќинствата, но и да важи за индустријата. Тука како аргумент слушнавме дека индустријата, сепак, има право на поврат на ДДВ, но тука меѓу нас има познати стопанственици, луѓе од приватниот сектор што имаат компании, па слободно ги повикувам да излезат и да кажат, дали истиот процент на данокот на додадена вредност, немаше да ја зголеми ликвидноста на нивните компании – изјави Стојаноски.
Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ посочи дека има сосема различен став. Таа смета дека електричната енергија не треба да биде евтина.
Електричната енергија не треба да биде евтина, затоа што ако струјата е евтина, тоа доведува до поголема потрошувачка, а ние треба да ја штедиме електричната енергија и струјата, не само овде во државата, туку во целиот свет, тоа е тенденцијата – додаде Морачанин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.