Работниците во фабриката за чевли „Баргала“ во Штип веќе втор ден го изразуваат своето незадоволство од висината на платите и бараат да се направи корекции на платите за март, април и мај и исплата на задоцнетата плата за месец јули.

Валентина Мркиќ работничка во „Баргала“, која има уште осум години до пензија вели дека и во услови на пандемија работниците работеле, голем број од нив и се со работен стаж од 25, па и над 40 години. Лојални се на фирмата, но бараат да се направи израмнување на платите, бидејќи како што велат работниците со 10.000 денари не може да се платат сметките и да се преживее.

Ништо не бараме повеќе од ова, синдикатот преговара, а ние ги имаме само овие барања, по што откако ќе се исполнат веднаш ќе се вратиме на машините, вели Мркиќ.

Работниците добија и поддршка од невладината „Гласен Текстилец“. Граѓанската активистка, Кристина Ампева вели дека нејзините ингеренции се до капијата во фабриката, а преговорите треба да ги водат синдикатот, на којшто вработените му плаќаат чланарина веќе 30 години.

Разговарав со претставниците на ССМ, мојата помош во моментов е да поднесам претставка до трудовиот инспектор. Попладнево очекувам да имаме средба со работниците и првиот човек на ССМ, вели Ампева.

Наум Барзов дел од менаџерскиот тим на „Баргала“ вели дека во текот на денот раководството ќе има состанок, на којшто ќе заземат заеднички став, а медиумите ќе бидат информирани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.