На социјалните мрежи се пренесува постот на Кристина Ампева која пренесе писмо од една вработена во трговски центар, која говори за состојбата на работниците и работничките права. Го пренесуваме статусот во целост.

Ми стаса порака од вработена од скопски мол, не е битно кој, сакаше да остане анонимна и тоа е најбитно. Сакаше да знае зошто сите не сме исти.

Затоа битно е да споделите, да се ставиме сите на нивно место, да се обидеме да направиме заедно нешто. Да бараме недела и празник да важи за сите подеднакво. Нека е петиција, нека е било што. Да се слушне кај оние кои носат закони.Капиталот и алчноста на неколкумина, не е вреден повеќе од овие луѓе и нивните фамилии. Бидејќи и обичните работници заслужуваат одмор, споени денови и државни празници.
Бидејќи заслужуваат повеќе од било кој. Еве го во целост;

28.04.2019 ВЕЛИГДЕН -Едвај стојам на нозе, се прибрав од црква во 3 часот по полноќ. Станав, спремам јадење, брзам. На маж ми му викам, гледај јадењето оти ќе ми избега автобусот. 11 и 30 е часот, на постојка чекам автобус на ЈСП, празнично каснат. Се нервирам, мониторинг ќе не пријават, морам да отворам, од 12 часот сме на работа. Среќен празник и на мене и сите нас кои работат во моловите.

Дали ние не сме работници, верници, дали ние немаме деца, партнери, дома фамилијарно да славиме. Веќе долги години работам во мол, не само јас, илјадници не има. Ајде бе, ве плаќаат, што мрчите? Па газдата не плаќа, да, ама дали молот одговара пред некоја институција за работење на Велигден…. Божиќ….

Стигнав, празно, никој нема, ние вработените, обезбедување и случајни минувачи. Услужуваш, се смееш, ама душата ти трепери. Децата ме чекаат дома да се кршиме со јајце. Отварам телефон, слики, сите во природа или дома, среќни. А кај сум јас, што сум јас? Дали размисливте кога ставивте работно време од 12 до 20 часот?

Да, истите вие кои уплативте за Грчка , Малта, Будимпешта, Рим, да, вие, администрацијата на молот. Јас не барам карта авионска да ми платите, дома сакам, ми фали да сум за Велигден дома. Барем овој ден затворете ги моловите, веќе кога Божиќ и сите други ги работиме до еден. Веќе ако се спремаме за европска држава, а назад сме со децении. Газдарицата звони на вибер, како сте девојки , што правите, како е денес, знам, ништо нема, што е до мене затварајте, ама знаете, ќе не казнат, не смееме….

16 и 10, каснат втора смена. Едната со дечкото се кара пред влез , до кога вака, батали работа, цело друштво е заедно. Другата вели, маж ми ми вети да не се брзам , ќе ме донесе со кола… Се напи алкохол, па морав со такси да дојдам и празнично ми зема 300 денари.

Сите напнати, сите нервозни. А влегува муштерија , мора да се смееш. Ми замина автобусот во 16 и 30, уфф…

Ми се плаче, ми се вика. Си ја сакам работата, ме исполнува. Но ми се гади од капиталистите кои ги диригираат условите.

500 денари плус на плата нема да ја врати семејната хармонија, ниту ќе ми го врати тој ден кој требаше да го минам со децата.

А слушаш на вести, утре неработен ден за сите граѓани…. А ние, од кај сме, јас, од кај сум , од Марс?

Помина Велигден, еве го Први мај. Денот на трудот, ама за чиј труд, за државните институции. Само тие се работници.
01.05.2019 – Работно време на моловите, известување ќе се работинормално, нема скратено работно време. Ајде ќе врне, па нема да одат во природа, ќе биде полно.

А вие си споивте 25, 26, 27, 28, 29, 30, 1. Па секако, не сте продавачи, келнери, хостеси, промотери. Вие сте од “горе “, администрацијата на молот.

Газдите на дуќаните и штандовите немаат допирна точка со работното време на моловите за празници. Ако затворат, веднаш санкции. Промет нема доволно, ама мора да плати празнично. А ние не го бараме тоа. Сакаме ден празничен со семејствата.

Барем така е во другите нормални држави. Не работи ништо освен болница, полиција, дежурна бензиска и аптека.

Поздрав до сите драги колеги од моловите . Нека ни е среќен 1ви мај , Денот на трудот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.