Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид“ поради ковид пандемијата минатата година ја завршија со 782 876 патници, за 71 отсто помалку во однос на 2019 година. Една од опциите за надминување на состојбата е да се овозможи систематско тестирање на патниците на аеродромите, што го иницирал кај Владата аеродромскиот оператор.
Поради одлуките на владите поврзани со КОВИД-19 и ограничувањата на патувањата ширум светот, 2020 година беше многу тешка година за авијацијата, следствено на тоа и за ТАВ Македонија. Скопскиот и охридскиот аеродром беа затворени за сообраќај на патници цели 3,5 месеци – од средината на март 2020 година до 1. јули 2020 година. По повторното отворање, се соочивме со забрана за патување во ЕУ/Шенген за македонските граѓани. Тоа резултираше со намалување на бројот на патници за 71 процент за целата 2020 година (јануари-декември 2020) или од 2.677.618 патници на двата македонски аеродрома во 2019 година, 2020 година ја завршивме со вкупно 782.876 патници, изјавија за МИА од ТАВ Македонија, концесионер на аеродрмите во државава.
Најголемата пречка за закрепнување на македонскиот воздушен сообраќај е забраната за патување поради КОВИД-19 воведена од земјите на ЕУ/Шенген за носителите на македонски пасош. Додека не се отстранат тие ограничувања и луѓето не почнат слободно да патуваат од туристички причини како што правеа претходно, велат од ТАВ Македонија, ќе се соочуваме со тешкотии.
Од ТАВ Македонија се надеваат дека со летниот распоред на летови во 2021 година, кој почнува на крајот од март, дел од другите дестинации и од Скопје и од Охрид, кои беа прекинати со почетокот на ковид-кризата, ќе бидат обновени.
Пред почетокот на кризата аеродормскиот оператор најави дополнителни вложувања во аеродормите во Скопје и во Охрид. Договорените специјални проекти дефинирани од Владата, како што велат од ТАВ Македонија се приоритетни точки. Ќе бидат реализирани согласно поврзаните аеродромски проекти. Од временски аспект, информираат, нивната реализација ќе биде во линија на закрепнувањето на авиосообраќајот од КОВИД-19.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.