Македонија планира годинава да го забрани увозот на возила под ЕУРО 5 стандард. Министерот за економија, Крешник Бектеши најави промени во правилата за увоз на поволни автомобили и зголемување на стандардот, што се очекува да помогне да се намали загадувањето и да се поднови возниот парк во земјата.

Во план се две мерки. Со едната би требало да им се даде директна финансиска помош на оние кои би ги замениле возилата кои ги имаат, а кои се под Еуростандард 4, со возила со Еуростандард 5 или 6. Втора мерка е субвенционирање на купување на хибридни возила. За двете мерки е потребно да се обезбедат средства.

Во моментов не е можен увоз на возила со еколошки стандард понизок од Еуростандард 4. Тие возила не можат да се регистрираат и да се возат по патиштата низ Македонија, а наскоро би можела да стапи на сила и забрана за возилата под стандардот ЕУРО 5.

Оваа година би требало да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата држава. А, во однос на мерки ние веќе спроведуваме неколку мерки за вградување на плински уреди во возилата – најави министерот за економија, Крешник Бектеши на конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“.

Во однос на другите мерки што се планираат во однос на еколошката компонента на транспортниот сектор, Бектеши ги спомена субвенцииите за домаќинствата за вградување плински уред, или уред на метан, како еколошки горива, мерка што треба да се спроведе годинава.

Увозниците на автомобили коментираат дека ваквата мерка ќе им зададе сериозен удар, пишува „Дојче веле“. Возилата со ЕУРО 5 стандард се поскапи и ќе треба да вложат повеќе пари за да ги донесат, но нема никаква гаранција дека ќе ги продадат. Причина за тоа е слабата куповна моќ на населението. Најголем интерес има за поефтините возила, додека цените на оние со ЕУРО 5 стандардот најчесто се движат од 3.500 евра па нагоре.

Податоците од царина покажуваат дека лани бројот на увезени половни автомобили значително се намалил споредено со претходните години. Во 2020 биле увезени близу 23.900 половни автомобили, додека 2019 бројката изнесувала близу 38.600.

Бектеши во 2019 година најави субвенција до три илјади евра за граѓаните при купување на ново патничко моторно возило, но под услов старото возило со низок еколошки стандард да заврши на отпад. Вредноста, пак, на возилата кои требаше да се набавуваат беше ограничена до 12 илјади евра.

Возниот парк е релативно стар во земјата, проценета е просечна старост на возилата од 19 години, од кои повеќе од 200.000 возила се погонувани на дизел горивата, анализира професорката на Техничкиот факултет во Битола, проф.д-р Јасмина Буневска Талевска. Само како пример, дополнува таа, во воздухот има дури 25% од штетните материи доаѓаат од сообраќајот, а дури 40% од штетните материи се од товарните возила.

Се предлага и субвенционирање на такси-возилата, 60% да се субвенционираат за замена со електрични возила и 40% за замена со „plug-in“ хибридни возила, воведување на соодветен надоместок (еколошка такса) и соодветни привилегии за еколошки чист начин на мобилност – бесплатен паркинг за сите електрични возила, воведување зони со ниска емисија и слично.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.